Нови триесет граѓани ја примија православната вера на групна крштевка во реката Бабуна, кај Велес
Триесет граѓани од Велес, Гостивар, Скопје и Куманово денеска одлучија да бидат крстени на групната крштевка што за нив во водите на река Бабуна, крај Велес, ја организираше Епархијата Повардарска. Тие беа на различна возраст и имаа различни причини што досега не ја примиле христијанската вера. Александра Ѓоргиевска живее во Скопје. Тоа не ја спречи да биде дел од групата граѓани кои присуствуваа на чинот кои граѓаните ги воведува во верата и во Бога.
„Завршив една голема обврска што низ годините ми висеше над глава. Убаво се чувствувам, исполнето. За групното кршевање дознав од интернет страницата на Повардарската Епархија. Не се колебав туку дојдов и парите што инаку треба да ги дадам за крштевање ќе ги донирам на луѓе што им требаат или за домашните животни кои имаат потреба од помош,“ рече Ѓоргиевска.
Шеесет и две годишната Пандорка Најдова од Велес денеска беше највозрасна во групата граѓани кои денеска се крштеваа. Таа рече дека тоа што досега не станала верник било поради атеистичкиот однос на семејство во кое се родила и растела.
„Моето семејство живееше во комунизмот и немаше традиција на крштевање. Јас моите деца ги крстив а тие се венчаа и ги крстија моите внуци. Посакав и јас да бидам дел од верниците и се чувствувам прекрасно, исполнето,“ рече Најдова.
Со поддршка на нејзиниот сопруг, Илија Најдов сега Пандорка ќе се подготвува и за венчавка. Така брачните другари сметаат дека ќе го заокружат процесот на комплетно влегување во православната вера.
Со благослов на Митрополитот Повардарски, годинава, со групната крштевка на граѓани во реката Бабуна чиноначалствуваше Протереј Борис Симоновски.
„Светата тајна крштение значи голема светост, една од светите седум тајни, за која во Библијата пишува дека човекот кој не е крстен не може да верува. Така со денешното крштение овие браќа и сестри станаа ревносни посетители на црквата. Тие ќе можат да се причестуваат и да се молат. Иако до сега тие доаѓаа примаа со вера но не беа крстени. Сега и за нив се отворени вратите на царството божјо,“ рече Протереј Симоновски.
Годинешната групна крштевка е деветта по ред во Епархијата Повардарска која досега на ваков начин им овозможи на над 300 граѓани да станат православни верници.
Убавка Јаневска