Пожар пеплоса шупа на Којник
Огнот избувнал вечерва околу 21 часот во шупата на семејството Стојанови на улицата „Богдан Прличков“ број 8 во Велес. Тоа е помошен објект до куќата на ова семејство во месноста Којник. Пожарот бил пријавен веднаш во пожарникарската станица во Велес.
Две противпожарни возила со повеќемина пожарникари се упатиле на интервенцијата која воопшто не била едноставна затоа што куќата на Стојанови се наоѓа во тесен сокак и на лош терен. Огнот се ширел со неверојатна брзина во помошниот објект кој бил полн со пластични шишиња наполнети со струготини. Така семејството си подготвувало огрев за греење во зима.
Во шупата што горела освен шишиња имало и пластични кеси од млеко полни со стуготини.
Пожарникарите го гаснеле огнот со гас маски на лицата. Низ сокакот се проширила неподнослива миризба. Сега огнот е угасен и со брзата интервенција е сопрено тој да се прошири кон куќата на семејството Стојанови.
Пожарникарите се сеуште на лице место. Ноќва ќе го следат опожареното место. Тоа се наоѓа во густо населен дел на градот.
Засега не се знае што го предизвикало пожарот./С.А