Првите 149 Гимназијалци од стар Велес што се стекнале со универзитетски дипломи
По Балканските и Првата светска војна состојбата во Велес и во Македонија уште повеќе се влошила. Во 1912 година Македонија е распарчена на три дела: Вардарска, Егејска и Пиринска. По Балканската војната Вардарска Македонија влегува во состав на кралството Југославија (СХС), Егејска во Грција и Пиринска во Бугарија. Сите се задоволни освен Македонецот кој немал право да се изјасни како Македонец.
Тогаш Вардарска Македонија добила ново име Вардарска бановина. Македонија од еден добила тројца владетели што не го признавале македонскиот народ. Така Македонците за едни биле Бугари, за други Грци, а за трети Срби. Велес и Вардарска Македонија влегле во состав на СХС од 1918 па се до 1941 година. Србските власти правеле се да го асимилираат македонскиот народ за тој да се чувствува како Србин.
Велес, по Првата светска војна и формирањето на Вардарска бановина, имал 15.000 жители како и деведесетина села. Во периодот од 1918 до 1923 година во градот владеела голема сиромаштија. Раните од војната биле многу длабоки. Занаетчиството, како водечка дејност, живеело ден за ден. Сепак велешани не мирувале. Се повеќе кај нив се будело националното чувство. Често биле организирани штрајкови, а на славите, свадбите, другите веселби,покрај строгите мерки, се пееле само македонски песни.
Водачи биле работниците но и синовите и ќерките на имотните велешани кои своето образование, по завршување на гимназиското во Велес, го продолжувале со студии во Германија, Франција, Австрија, Хрватска, Полска и други земји. Студирајќи, покрај науката, кај нив се будела и националната свест дека парчето земја покрај Вардар, Охрид, Шара, Беласица не е Вардарска бановина туку Македонија и дека во неа не живеат Срби туку Македонци.
Според податоците на истаражувачот Лидија Димова од Архивот во Велес, тогашните србски власти градот го поделиле на седум „квартови“- маала. Тоа биле: Теќе, Дервента, Брзорек, Којник, Дворови, Поп Јорданови и Мегдан.
По формирањето на Гимназијата, првично со образование до седми клас, имотните велешани побарале од тогашните власти да биде формирана Полна Гимназија. Нивното барање било прифатено па така покрај ученици од Велес во Гимназијата учеле и деца од Кавадарци, Неготино, Св. Николе, Штип, од други места како и од велешките села.
Според податоците на Димова, во 1924 година, првите осум завршени гимназијалци од Велес заминале на студии во Виена, Австрија. Шестмина се запишале на Медицински факултет, еден на Факултетот за Ветерина и еден на Факултетот за природни науки. Тоа биле велешаните Ѓорѓе Поп Андовиќ, Ангел Пане Арсовиќ, Борисав Андреја Мишевиќ, Богдан Поп Ѓорчевиќ, Васил Ристе Ѓорчевиќ, Богдан П. Ќирковиќ, Страхил Хаџи Панзовиќ и Мико Петра Миновиќ. По четири години како дипломирани доктори, ветеринар и природонаучници се вратиле во родниот Велес.
Потоа во 1927 година од завршените гимназијалци на факултетите во Белград, Загреб, Варшава, Виена, Париз, Берлин и други европски универзитети се запишале 42 млади велешани. Како се зголемувал бројот на завршени ученици во велешката Гимназија така се зголемувал и нивниот број кој заминувал да студира во градовите на тогашното кралство на СХС а дел од нив и на престижни Универзитети низ Европа.
Ако во 1928 година заминале 18 во наредната година нивниот број изнесувал 42 студенти. Четири години подоцна статус на студенти обезбедиле нови 31 гимназијалци додека во 1935 година бројот изнесувал 27. Ова е последната година со податоци со кои располага велешкиот Архив.
Од поинтересните собрани информации на подрачното одделение на оваа државна институција се барањата на српските власти, со кои се обраќале до надлежните општински служби, во кои секој студент било потребно да се знае од која фамилија потекнува, дали семејството е имотно, како ќе обезбеди пари за студирање, дали е член на ВМРО или некоја друга напредна група и дали неговата фамилија има било каква врска со ВМРО.
Во 1941 година, поради војната, Гимназијата не работела а кога повторно почнала да работи наместо на српски наставата се изведувала на бугарски јазик. За воведување на бугарскиот како мајчин јазик во наставата, во 1942 година,велешките гимназијалци негодувале и храбро организирале тридневен штрајк со што спречиле да посетуваат настава на бугарски јазик.
За време на владеењето на СХС од велешката Гимназија на Универзитетите во повеќе Европски земји вкупно на студии заминале 193 ученици кои го завршиле факултетот и се вратиле во градот. Најголем број од нив како дипломирани доктори, правници, земјоделски инжинери, филозофи, професори по германски и француски јазик, фармацевти и друго. Сите тие, не само во Велес, туку и во другите места каде работеле дале голем придонес за развојот на својата земја, а биле и главните организатори во борбата са слобода на Македонија. Сите тие достоинствено ги продолжиле делата што ги започнаа Џинот, Жинзифов, Главинов и другите дејци од каменестиот но слободарски Велес.
Стоилко Андреевски
Фотографирани списоците со Гимназијалци што се запишале на Факултети во кралство СХС и низ Европа