Агенцијата за храна и ветеринарство на свињарската фарма „Агро софт“ го контролираше спроведувањето на биосигурносните мерки
Се зајакнуваат биосигурносните мерки на фармите со свињи во државата и се спроведува нивно категоризирање кое помага да се утврди нивото на ризик и да се процени колкава е спроведената заштита на животните. По појавата на болеста Африканска свинска чума во Европа, која е вирусна и нанесува огромни штети во свињарството во државите каде што се појавува, од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ велат дека таа не е штетна по здравјето на луѓето туку прави пустош по овој вид животни во фармите и им носи огромни штети на фармерите.
Со категоризацијата во комерцијалните одгледувалишта на свињи и со спроведувањето на биосигурносните мерки ,фармерите, од една страна ја подобруваат здравствената заштита и од дрга страна ги намалуваат трошоците за лекување на животните, рече денеска директорот на Агенцијата д-р по ветеринарна медицина Зоран Атанасов.
– Агенцијата подготви Акционен план за да може на 1 јануари 2020 година да прекине вакцинацијата против класична свинска чума со што Македонија на европските пазари ќе може да извезува свежо месо и живи свињи. Друг момент е тоа што во Европа има појава на Африканска свинска чума. Како Агенција сакаме да ги зајакнеме биосигурносните мерки на комерцијалните живеалишта и во исто време ги повикуваме и граѓаните кои во домашни услови одгледуваат свињи да не ги пуштаат преку ден слободно да пасат туку да ги чуваат затворени за да се намали контактот со дивите свињи или животни и да се спречи пренесувањето на болеста, рече д-р Атанасов.
Додека неговите стручни соработници од Агенцијата денеска на свињарската фарма „Агро софт“ во велешко Ново село го надгледуваа процесот на спроведување на биосигурносните мерки директорот Атанасов додаде дека во областа на Варна, Бугарија има појава на болеста Африканска свинска чума.
– Агенцијата издаде забрана за увоз на месо и месни производи како и на живи животни од државите во кои што има појава на болеста. Испратен е допис до Царината на РМ да врши контрола на домашните патници и транзитните туристи за тие во своите возила да не носат производи од животинско потекло особено послабо термички обработени производи кои потекнуваат од свинско месо. Апелирам до граѓаните на Македонија кои патуваат во земјите во кои ја има оваа болест да се воздржат од купување и носење на вакви производи во своите возила, рече д-р Атанасов.
Освен во Бугарија, болеста е присутна и во Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска, Молдавија, Романија, Чешка, Унгарија и во Италија на островот Сардинија.
Сопственикот на свињарската фарма „Агро софт“, Александар Стојанов ја поздрави иницијативата на Агенцијата велејќи дека станува збор за болест што сериозно се шири и создава големи материјални штети на фармите.
-Ние превзедовме мерки. Добро е што и Агенцијата контролира како тече спроведувањето на мерките, што е доволно, што не е и што треба дополнително да се спроведе. Дефинитивно, ние голем дел од мерките спроведовме штом слушнавме дека болеста се појавила во Романија и во Бугарија. Тоа значи дека болеста е многу блиску а луѓето гравитираат секаде. Друга потенцијална опасност е што многу луѓе дома чуваат свињи и да ги спомнам ловџиите кои ловат диви свињи преку кои болеста се пренесува. Ова значи дека имаме сериозна потенцијална опасност од пренесување на болеста и кај нас. Од голема полза е спроведувањето на биопревентивните мерки за да ја спречиме појавата на болеста на нашите фарми,“ рече Стојанов.
Фармата „Агро софт“ во велешко Ново село е 78 категоризирана фарма од вкупно 90 комерцијални одгледувалишта на свињи евидентирани со последниот попис на Агенцијата за храна и ветеринарство./У.Ј