Вонредно миење на градските улици во Велес, комуналците купија и две професионални машини за секторот Водовод
Комуналците денеска ги измија, дел од улицата „Благој Ѓорев“, од поранешен Офицерски дом до спој со улицата „8 Септември“ и улицата „8 Септември“ до Стар мост. Вонредното миење продолжува поради големата прашина што на коловозите и тротоарите на градските улици остана по рафрлувањето на ризлата во деновите со снежни врнежи и мраз. Од ЈКП Дервен, на својата веб страница, напишаа:
„Со оглед на тоа дека временските услови го дозволуваат, започнува вонредно миење на сите градски улици каде камионот цистерна може да пристапи. Денеска се мие дел од ул. Благој Ѓорев, од поранешен Офицерски дом до спој со ул. 8 Септември како и ул. 8 Септември до Стар мост“.
Јавното комунално претпријатие, исто така соопшти дека набави две нови професионални машини за потребите на работниците од секторот „Водовод“ за извршување на градежни активности.
Станува збор за набавки на пила за сечење на асфалт и бетон како и професионална градежна машина ,виброплоча. Првата е од шведската марка „Хускварна“ и се очекува да ја замени старата неупотреблива машина при отстранување на дефекти на водоводни линии. Машината ќе се користи наместо хидрауличниот ударен чекан “Хилте“ бидејќи е далеку попрецизна и овозможува полесно враќање во првобитна состојба на сообраќајниците и тротоарите во градот.
Втората машина е германка марка „Wacker Neuson“ за набивање на земјен материјал, тампон, бекатон и асфалт со што ќе се овозможи поквалитетно враќање во првобитна состојба на сообраќајниците по поправка на дефекти./У.Ј