Заев од Велес: Во петиот ден, од петиот месец, да го избереме Пендаровски за петти претседател на Македонија, за чиста петка!
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски на граѓанската трибина во Велес, синоќа, четврток 25 април, своето обраќање кон велешани го започна со тоа што соопшти дека ја прифаќа поканата на незадоволните шарени револуционери за разговор и лично, на одвоена средба и заедничка со против кандидатката Силјановска Давкова бидејќи, како што рече, има што да им каже во име на заедничката борба што пред три години ја воделе против тогашниот Режим.
-Поминаа три години, токму овој месец, кога започна „Шарената револиција“ и Велес беше еден од градовите во кои многу луѓе маршираа по улиците, доаѓаа во Скопје, поминавме километри и километри заедно изиритирани од тогашната одлука на Иванов да амнестира 50 супер криминалци од тогашниот режим на фамилијата. Доаѓајќи кон Велес слушнав дека постои иницијатива од некогашните „Шарени револуционери“ од лидерите на таа револуција кои заедно со нас, со вас, со која бараат двајцата кандидати за претседател да се соочиме со тие луѓе, за да ни кажат кои се нивните забелешки за изминативе години, зошто дел од нив се разочарани, што можеме да направиме за да се обврземе оваа држава конечно да биде уредена според клучниот принцип на „Шарената револуција“ а сите знаете дека тоа беше: „Нема правда, нема мир“. Јас јавно ја прифаќам поканата, во време и место што тие ќе го одредат и подготвен сум да одговорам на сите нивни барања, на сите нивни забелешки затоа што знаевте дека се боревме за исти принципи, за исти вредности и се боревме Македонија да биде попристојно место за живеење. Само една работа не ми е јасна. Како Гордана Силјановска ќе се соочи со тие луѓе, што ќе им каже, кога ниту една секунда не беше на „Шарената револуција“, ни еден метар не помина по нашите улици, затоа што таа не се бореше против режимот и диктатурата, таа беше дел од нив, рече Пендаровски.
Обраќајќи им се на присутните граѓаните Пендаровски додаде дека масовната излезност на 5 мај, со заокружување на бројот 3 на гласачкото ливче, е потребна затоа што политичката опција чиј кандидат е тој е единствената која Македонија ја внесе во ЕУ и НАТО , дека режимот на Груевски никогаш нема да се врати и затоа што Македонија, конечно, по 10 години ќе добие претседател од кој нема да се срами.
-Со поддржувањето на овој концепт ќе имаме претседател кој ќе ги поддржува овие политики, досега што ги поддржуваме, што ја отвораат европската порта и кои Македонија, конечно, ќе ја наредат во друштво со најразвиените економии и демократии. Зошто ни е неопходна политичка мобилизација? Сите вие знаете дека оваа опција има доминантно мнозинство во државата. Но многумина мислеа дека не треба да се мобилизираме уште во првиот круг и оставија својот глас да го дадат во вториот круг. Сега е навистина последна шанса, на 5 мај тоа да го сторат. Затоа што ако не го сторат , мнозинство ќе добие другата опција. Не сакам ниту да помислам што се може да се случи со нас, со нашите животи, со иднината на нашата земја, ако тие луѓе повторно дојдат до власт. Тие најавуваат ревизии на сите потези што ги направивме и за кои добивме пофалби од целиот демократски свет. За тоа добивме покана за влез во НАТО и за полноправно членство и за тоа ќе добиеме датум за преговори во јуни, два месеци од сега, додаде Пендаровски.
Велејќи дека и тој е незадоволен од тоа што е реализирано во социјално економската свера но и дека не можело повеќе да се направи бидејќи, според него, е резултат од затекнатата состојба поточно наследената руина од држава, институции партизирани и на колена или реална состојба, ги замоли велешани за разбирање и ја побара нивната поддршка.
Честитајќи им и на велешани, како што рече, за кристално чистите скандинавски избори низ цела држава, претседателот на СДСМ Зоран Заев честитки упати и за градскиот дух кој што Велес секогаш го имал. Им се обрати на граѓаните кои секогаш гласале за нивната политичка опција но, ги немало во првиот изборен круг и ги охрабри тоа да го сторат и на 5 мај.
-Седејќи дома нанесувате зло и штета врз својата држава, затоа ве исправам пред татковинската одговорност, поради вашиот Велес и вашата Македонија, вашите деца и идните генерации ајде заедно да одиме напред . Ги знаеме слабостите, ги има, не сме и ние сјајни, правиме грешки и затоа ќе има промени. Промени ќе се случат за новите што ќе дојдат да не прават исти грешки. Добиваме чест од граѓаните, да им служиме, да имаме време и трпение за нив, да реализираме што повеќе потреби за нив, дури и кога не е возможно должност ни е да им објасниме зошто сега неможе и кога, како ќе им помогнеме, тоа е наша обврска и тоа ќе се случува во државата. Но истовремено ако фати метлата на оваа страна ќе фати и за тие што опструираат во институциите, тие од ВМРО вработените, што се тука а како да не се па Заев, СДСМ и коалицијата се виновни. Слушам повторно во Велес списоци правеле исто како во времето на режимот. Ние сме добри луѓе ама не сме наивни. Извинете ќе има метла и на другата страна, рече Заев.
Тој вети правна држава и казни за секој што се огрешил, независно од тоа на која политичка опција и припаѓа, потенцирајќи го Пендаровски како човек со квалитети за правичност. Повика на еднаквост и единство и упати порака за заедништво кон сите граѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и останати кои живеат во државата.
-Стево Пендаровски навистина учеше како треба од Киро Глигоров, го советуваше и Бранко Црвенковски и Борис Трајковски а учеше и како не треба од Ѓорги Иванов. Со сето свое универзитетско знаење, животното, денешното залагање во најзначајните процеси кои ја придвижија Македонија напред , изграден низ премрежјата во 2014-та, предводник и во времето на режимот а и сега, тој е тука, пред вас. Велешани вашето место е со прогресот, со победниците и во единството. Велес во вториот круг ќе биде за бројот 3 и за Стево Пендаровски, додаде Заев.
Заев јавно ја праша Гордана Силјановска дали таа е изработувачот на актот за амнестијата на Ѓорги Иванов потенцирајќи дека правда и амнестија се две разлчни работи и ја праша дали чека мандат, да даде амнестија за Груевски да се врати во Македонија.
На граѓанската трибина Заев и Пендаровски одговарија на прашање од бизнисмен кој побара правилна распределба на очекуваните странски инвестиции, подеднакво во Скопје и низ цела Македонија, како и на граѓаните кои се пожалија дека ги нема во избирачкиот список па неможат да гласаат, за плановите како да се задржат младите во државата, со кои мерки и визии, но и за тоа зошто не ја променат кампањата и не ги извадат на виделина сите црнила на опонентите. /У.Ј