„Коледе леде“ одекнува низ велешките маала и сокаци
Вековната традиција се повторува во Велес. Со догорувањето на Коледата, рано утрнава, на Бадник, одекнува песната на Коледарчињата низ велешките маала и сокаци.
„Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее…“
Коледарчињата им пеат на велешани. Немаат коледашки за тропнат на портите но затоа со на громогласно ги пеат песни кои одекнуваат и ги повикуваат велешани да им ги отворат своите домови. Домаќинките ги делат подготвените подароци од ореви, бадеми, костени, јаболка, мандарини, портокали и коледарски колачиња. Моментот е празничен. Се шират коледарските торбички за да ги соберат сте подароци. На лице место се јадат коледарските колачиња.
– Децата, предвесници на раѓањето на Исус Христос влегуваат и внесуваат среќа во нашите домови. Нивните насмевки на лицата ни ги носат посакуваните радост и среќа, велат велешанки.
Коледарчињата песните ќе ги пеат се до пладне. Времето е студено и температурите се минусни но дечињата не се откажуваат од намерата да му дадат посебен белег на празнкот.
Од пладне домаќинките ќе почнат да ја подготвуваат храната за бадниковата посна трпеза. Сарма, риба, зелник и лепче со паричка, се задолжителни.
Вечерва велешани ќе ја имаат најдолгата вечера. Ќе трае се до полноќ, затоа што се чека раѓањето на Исус Христос за да се честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди“. Овој поздрав е наменет за добро утро, добар ден и добровечер во наредните четириесет дена./У.Ј