Од архивата на акцијашот Данов:,, Не е ова прва пруга изградена на светот, ама сигурно е прва која ја изградија нашите деца!“ мисла на Мирослав Крлежа за МРА „Брчко Бановиќи“
На 1 aприл 1946 гoдина започнала првата Младинска работна акција, после Втората светска војна во Југославија, со изградба на пругата Брчко – Бановиќи . Пругата во должина од 92 км ја градеа 62.268 младинци од сите југословенски републики и 1000 младинци од странство. При тоа ископани се 1милион 361илјади и 680 кубни метри земја и камен, пробиени се два тунели во должина од 667 метри и изградени се 22 моста во должина од 445 метри. Пругата е изградена пред предвидениот рок, за само 7 месеци додека првиот воз од Бановиќи во Брчко пристигна на 7 Ноември 1946 година.
Бригадирот Боро Данов на македонската бригада учесник на МРА „Брчко Бановиќи“
– Војната беше скоро завршена и од неа најмногу погодена беше Република Босна и Херцеговина, разурната и опустошена. Нашата земја имаше недостиг од енергија, од јаглен за индустријата и домаќинствата. Во Бановиќи имаше голем рудник за јаглен, но недостасуваше инфраструктура за тој јаглен да се донесе до потрошувачите. Затоа, започнавме да градиме пруга, “ раскажуваше мојот татко Боро Данов, еден од велешките младинци, учесник на оваа Младинска работна акција.
Поставување на треверци и шини на пругата „Брчко Бановиќи“
Изградба на мост на пругата „Брчко Бановиќи“
Ударен работен ден на МРА „Брчко Бановиќи“
– Беше тешко и напорно, пруга се градеше. Работевме на земјените работи. Имаше доста минирање, се градеа мостови и два долги тунели, но со тој елан со кој настапувавме можевме и планина да поместиме! Јас имав само 16 години и бев средношколец во Средното земјоделско училиште во Тетово. Во летото 1946 година заминав за Брчко. А кога се вратив дома бев поцрнет, исончан, но и ,, мускулест“. Затоа другарите ми го дадоа прекарот ,,Брчко“. Но, да се вратам на пристигнувањето на акцијата кога беше организиран одличен пречек на акцијашите. Се сеќавам на една анегдота. Штом пристигнавме таму, според списокот на учесници на акцијата, започна прозивката, и повеќемина од нас беа запишани со презимиња на ,,иќ“. Веднаш бурно реагиравме и кажавме дека сме ние Македонци и нашите презимиња завршуваат или на ,,ов“ или на ,,ски“. Следеше исполнување на нашите барања и корекција на презимињата. Кога за прв пат бригадата се построи некој од останатите бригадири, од друга бригада, извика ,, Три пати УРА, за нашите браќа од Македонија!“. Следеше громогласно бригадирско поздравување од сите присутни „Ура, ура, ура“ што кај нас предизвика чувство на национална припадност, како Македонци!“, додаде Данов.
Крај на работен ден од изградбата на пругата „Брчко Бановиќи“
Трасата на МРА „Брчко Бановиќи“
Македонската бригада освен на траса, каде се водела вистинска натпреварувачка борба за натфрлање на дневната норма, во ископан или исфрлање на земја, подготвување на трасата на пругата, во градежните работи за пробивање на тунелите и изградбата на мостовите, била препознатлива и по натпреварувачкиот дух во слободните активности во населбата.
Плакат на МРА „Брчко Бановиќи“
Крај на МРА „Брчко Бановиќи“
Парада во Бановиќи по повод МРА „Брчко Бановиќи“
Пристигнување на првиот воз во Бановиќи
– Покрај напорната работа имавме и спортски, но и културни активности, а нашата бригада беше препознатлива по мешаниот хор кој освен македонски , изведуваше и српски, босански, но и неколку словенечки песни. Нашите настапи беа проследени со големи аплаузи. Во целата документација и фотографии, ја чувам и Песмарката, тетратка во која запишани се сите песни кои ги пеевме со хорот. Можеби нема некоја вредност, но мене ми е драгоцена и секогаш кога ја земам во рацете ме потсетува на тие денови, рече Данов.
Често пати додека разговаравме за ова време од неговата младост од него слушав за стремежот да се биде авангарда во oпштеството или во сопствената држава. Тоа што ќе го соопштеше јас го запишував. Еве што мојот татко рекол во еден наш разговор:
– Велат дека младината е авангарда на секоја држава. Тoa е така затоа што младите се носители на напредокот, ги водат битките за подобро утре, за хуманост. Ние отидовме да ја градиме нашата земја на ,,О-РУК“ и успеавме без разлика што многу пати се работеше до мрак, напорно, само да се заврши планираното. И никому не беше тешко, никој не се спротивставуваше. Имам овде запишано една мисла на Мирослав Крлежа, познат хрватски писател, кој тогаш изјави :,, Не е ова прва пруга изградена на светот, ама сигурно е прва која ја изградија нашите деца!“, рече додека ми ги покажуваше уредно средените документи, фотографии, текстови и песнарката во неговата приватна архива.
Тој заедно со младинците од Велес кои учествувале на изградбата на пругата „Брчко – Бановиќи“ беа поканувани на секоја бригадирска вечер што во осумдесеттите години на минатиот век ја организираше тогашната младинска организација што се викаше Општинска Конференција на сојуз на социјалистичка младина на Велес. Во 1986 година, во тогашниот мотелот ,,Лозар“ , на велешкото езеро, по долго време се собраа сите бригадири ветерани кои беа живи. Еден од нив беше и Боро Данов. Се врати полн со емоции и особено горд што им укажале голема чест.
Последната заедничка средба на акцијашите ветерани на МРА „Брчко Бановиќи“ од Велес во 1986 година
– Имаме покана да заминеме на централната прослава во Брчко по повод 40 годишнината од МРА „Брчко – Бановиќи“. Долго разговаравме што да правиме. Со жал констатиравме дека повеќето од нас поради годините и болестите не треба да се впуштаме во авантура. Кој знае дали ја донесовме вистинската одлука. Но, вечерва ќе ја паметиме се дури сме живи. Еве оваа фотографија говори најмногу за она што го чувствуваме и на овие години за акцијаштвото, рече Боро додека ми ја подаваше фотографијата.
Боро Данов почина во 2002 година. Осумнаесет години по неговата смрт ги отворив повторно неговите уредно сочувани спомени и сеќавања од еден дел на младоста. И фотографијата на која во 1986 година се наоѓаат сите тогаш живи бригадири ветерани.
Сеуште живите би сакал да ми се јават и да ги документирам нивните сеќавања. Ќе ми биде драга и соработката на семејствата на упокоените. Сите тие заслужуваат свое место во белешките, истражувањата и фактографијата од тоа време на животот на младите велешани. Секој сочуван спомен е една коцка од градскиот мозаик. Што повеќе коцки толку побогат мозаик што сметам дека ќе биде од полза на гратскот Архив.
Сепак, првично би ги замолил бригадирите кои ќе се препознаат на фотографијата или нивни блиски, да ги напишат имињата и презимињата на овие наши сограѓани учесници на првата МРА во повоена Југославија.
На крај, само да потсетам дека 1 Април беше ден на Младинското доброволно ангажирање во поранешна Југославија. Можеби ќе поттикнам сега овој датум да биде прогласен за ден на бригадирите ветерани и на волонтерската работа. Нека почне од Велес.
И ќе завршам, како и што почнав, со информација која се однесува на тоа дека прва поголема МРА во Македонија била изградбата на ХЕЦ Маврово која започнала во 1948 и траела до 1952 година. На ова МРА работеле 37.000 бригадири од цела Југославија. Да не се заборави!
Љупчо Данов