Одбележани 78 години од погобувањето на македонската хероина Мирка Гинова
Со положување на свежо цвеќе пред спомен бистата на Мирка Гинова, на чиј споменик се испишани и имињата на 105 доброволци учесници во граѓанската војна од Егејскиот дел на Македонија во Демократската армија на Грција, денеска, се одбележаа три настани, поточно 78 години смртта на Гинова, 75 години од крајот на граѓанската војна во Грција во која загинаа борците од Егејска Македонија како и 76 години од егзодусот на децата бегалци.
Помеѓу присутните граѓани беше и 86 годишната Јованка Марковска родена во Егејска Македонија која своето обраќање го започна со зборовите „сознанието и чувството дека сум македонка треба да стојат повисоко од се високо во светот“.
Слободанка Љуткова на настанот прочита песна посветена на сите учесници во војната.
Пред присутните свое кратко обраќање имаше и организаторот Бошко Божинов којшто е претседател на здружението за заштита на човекови права на прогонетите од Егејскиот дел „Ѕвезда“ од Велес.
Свежо цвеќе пред спомен бистата којашто се наоѓа наспроти велешката Гимназија положија делегации на општините Велес, Градско и Чашка, пратеникот Александар Јамалов, Здружението на Македонците од Егејска Македонија „Ѕвезда“ од Велес, Сојуз на борците, Здружението на пензионери Велес, делегација на Сојузот на здруженијата на македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, на политичките партии, Здружение „Мирка Гинова“ од Штип, Здружение „Герман“ од Скопје, на Здружение „Сонцето од Кутлеш“ од Скопје, Здружение на акцијаши Велес како и роднини и пријатели на загинатите борци.
Стефани Манева