Издумани Крлевизми: „И во Македонија нешто се одржува стандардно. Стандардот!“
Афористичарот Атанас Крлевски и за овој петок издвои дел од сопственото творештво за читателите на Дума.мк. Ги објавуваме неговите 15 афоризми.
-Јас го држам прстот на челото, а жена ми мисли. Секоја работа си ја делиме.
-Модерни времиња: многу диети, а уште повеќе тајни вечери!?
-Јас сум експерт за машко – женските односи… на пуст остров!
-Внимателно со доблестите. Некои цел живот се нивни жртви.
-Во некои средини, луѓе е збирна именка од нелуѓе.
-Сѐ ново ме плаши. Освен нова швалерка.
-Сѐ тече, сѐ се менува. Дури и фактите!
-Самобендисаните се полтрони на самите себе.
-Какви ти се мислите, таков ти е животот. Ако мислиш!
– „Сите крадат!“ велат тие што сакаат да крадат, ама се плашат.
– Традицијата е богаство кое се чува во отклучен сеф.
– Зборот е сила, а со силата треба внимателно!
– Кога ќе се измешаат лончињата, сите се жедни.
-И во Македонија нешто се одржува стандардно. Стандардот!
– Ме препознаваат по карактерот. Јас сум бескарактерен!
Атанас Крлевски