Два нови случаи на инфицирани велешани и еден оздравен од коронавирус во Велес
15.05.2020
Едно се инфицирало од член на семејството а второто од близок пријател. Во Велес има 48 активни случаи на вирусот, велат од Центарот за јавно здравје. Дваесет инфицирани сограѓани се лекуваат на Инфективното одделение во велешката болница а вчера попладне една пациентка, поради влошена здравствена состојба, е пренесена на Инфективна клиника во Скопје. Втора пациентка, по два негативни теста на земен брис, е оздравена и пуштена на домашно лекување.
Во изминатите 24 часа на територијата на државата има 17 новоинфицирани граѓани со коронавирус и тоа два во Велес, шест во Тетово, по три во Скопје и Прилеп, два во Куманово и еден во Битола.
Во последното денонокие направени се 460 тестирања, а потврдените 17 нови случаи на Ковид – 19 се 3,7 проценти од вкупно тестираните во последното деноноќие.
Институтот за јавно здравје денеска регистрира 16 оздравени пациенти и тоа еден во Велес, седум во Скопје, шест во Куманово и двајца во Прилеп.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1740, бројката на оздравени пациенти е 1251, на починати е 97, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 392.