Двајца новозаболени, еден транспортиран на скопска Инфективна клиника и еден оздравен од Ковид-19
23.06.2020
Педесет и седум годишен маж од село Горно Оризари , кој ноќеска како итен случај бил префрлен на Инфективна клиника во Скопје и маж од Велес што по позитивен тест на ковид 19 одлучил да се лекува во приватна клиника во Скопје се двата нови заболени граѓани во Општина Велес во изминатите 24 часа.
Мажот од Горно Оризари бил примен на Инфективно одделение во велешка болница ноќеска со сериозни симтоми и во лоша здравствена состојба. По преглед од интернист пулмолог и првично дадена терапија бил препратен на Инфективна клиника во Скопје каде поради преполн капацитет морало да се почека три часа за да се организира прифат на заболениот од Велес.
Епидемиолозите го знаат кластерот од кој потекнува овој пациент.
Семејството на вториот маж од Велес, кој е хоспитализиран во приватна клиника, целото семејство му е ставено во изолација.
Во денешната статистика на Министерството за здравство стои дека оздравен е еден велешанец. Тој најверојатно е со два негативни теста од домашно лекување, значи без сериoзни симптоми на болеста.
Дo денеска бројката на заболени во општината изнесува 169 граѓани, активни се 32 случаи и оздравени 125 граѓани. Досега 11 лица се починати.
Во Вардарски регион освен 2 новозаболени во Велес има и еден новозаболен во Свети Николе.
-На инфективното одделение се лекуваат вкупно 18 пациенти, од нив 2 се на кислородна поддршка. 16 се позитивни додека за двајца се чекаат резултати од тестирање. Ноќеска во Скопје на Инфективна клиника е префрлен пациент во лоша здравствена состојба, рече портпаролката на Општа болница Велес д-р Весна Николовска Неделкова./У.Ј