Се преврте трактор и повреди земјоделец на нива кај Мамутчево, кај Камен Дол во сообраќајка загина скопјанката Драгица Д
Се преврте трактор во нива управуван од земјоделец, попладнево околу 17 часот, во атарот на велешкото село Мамутчево. Земјоделецот е потешко повреден и пренесен на хирушкото одделение во Болницата во Велес.
„Во моментов двајцата дежурни доктори, ортопедот Леов и хирургот Кочов, му укажуваат помош,“ рекоа од хирушното одделение на велешката болница.
Несреќата ја потврди портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска. Таа додаде дека во моментов екипа на полицијата прави увид на местото на несреќата.
Стојковска соопшти дека денеска на оваа попладневна несреќа и претходела сообраќајка со фатални последици, што се случила околу 12 часот и 55 минути на магистралниот пат Градско – Прилеп поточно на раскрсницата кај Камен Дол. Таму дошло до судир на два автомобили од марките „мерцедес“ со прилепски регистерски таблички и „форд фиеста“ со скопска регистрација.
Во оваа несреќа жртва е 74 годишната скопјанката Драгица Д која седела на совозачкото место во „форд фиестата“. Со телесни повреди се здобило уште едно лице кое било пренесено во болницата во Кавадарци за потоа, по укажаната лекарска помош, да биде пуштено на домашно лекување.
Увид кај Камен Дол направиле екипа на полициската станица Кавадарци и Јавен Обвинител од Кавадарци./У.Ј