Kиро Варгата, автопревозникот од велешкото содаџиско семејство Стојанови
29.11.2020
Киро Стојанов, познат велешанец под прекарот ,,Варгата“, е тивок човек кого го познаваат многу велешани. И тој ги познава скоро сите, особено еснафите, луѓето боеми и урбани легенди. Тоа што мене особено ме поттикна да го напишам овој текст е неговата меморија во која се врежани настани што се случувале во Велес изминатите 60-тина години. Стојанов или Варгата велешани го познаваат како приватен авто превозник. А тој додава дека тоа е занает што го наследил од својот татко.
Стар Велес, главна улица фотографирана во 1918 година
„Мојот дедо го викаа Перо – Газовџијата, бидејќи беше првиот производител на ,,газоза“ и „сода-вода“. Тој уште во ,,турско“ имал дуќан и правел и продавал „сода –вода“ и ,,газоза“ или газиран сок со вкус на круша, а подоцна се додаваа во содата и разни други додатоци, па имаше сокови со барем 5-6 вкусови. Едно време бил ортак со семејството Копанданови, а во 1912 година со баба ми заминале во Призрен каде останале неколку години. И таму го практикувал занаетот содаџија од кое доста заработил. Потоа се вратиле во Велес и дедо отворил свој дуќан за „сода – вода“. Колку што знам тој бил најстариот содаџија во Велес, започна да раскажува Киро при една наша муабет средба.
Знаеше дека додека тој зборува јас запишувам и не рече ништо а тоа мене ме поттикна да забележам се што ќе ми каже.
Содаџилницата на Перо – Газовџијата кај зградата на Народен музеј
„Првиот дуќан на дедо ми бил под поранешниот хотел ,,Интернационал“, поточно помеѓу кафеаната ,,Мечкина дупка“ и фото студиото ,, Манушев“. Подоцна, дуќанот го преместил на локација веднаш под зградата на денешен ,,Народен Музеј“. Се селел и трет и четврти пат но секој пат бил во блиското опкружување. Така содаџилницата била преместена на плоштад ,,С`рмаале“, на место каде што сега се наоѓа зградата на УЈП, во простор до кафеаната на Лазо Ерменецот и во редот во кој свои дуќани имале Коце Качарот, Ѓело Емишчијата, а до нив бил градскиот Дежурен електричар, па трафиката за леб, потоа уште неколку дуќанчиња, па градската Пожарна, , до сегашната зграда на Основен суд Велес . Кога во 1954 година започнала изградбата на зградата на тогашен СОК, содаџилницата била повторно преместена од спротивната страна на улицата, под градскиот Јавор, до летната тераса на хотел ,,Интернационал“. По пет години штом започна изградбата на хотел ,,Интернационал“ дуќанот за сода вода беше преместен на локацијата на првата Автобуска станица, што се наоѓаше на самиот тротоар на главната улица „Страшо Пинџур“. Значи пак на плоштад „С`рмаале“, додаде Стојанов.
Плоштад „С`рмаале“
Семејниот содаџиски занает од дедо му го наследува таткото на Киро, Борис, во 1960 година, веднаш по смртта на дедо му Петре. Борис работел како приватен авто превозник.
“ Јас како најстар син го наследив занаетот авто-превозник, додека моите браќа Ангеле и Перо станаа содаџии. Имаме и сестра Анастасија. Бев голем љубител на автомобили и камиони затоа и започнав сопствен приватен бизнис. Кога се зборува за првите моторни возила во Велес, сум слушал дека првите камиони кои биле донесени во градот биле во сопственост на „Монополот“. Тоа било веднаш по завршувањето на Првата светска војна. Имено, француската војска им оставила десетина камиони за превоз на тутун на Монополот. Во Велес требало да се гради и фарика за цигари, но после победата на ,,Црвената комуна“ во 1920 година во градот, за казна, стопиран е проектот и фабриката е префрлена во Прилеп. Во тоа време прв возач со диплома и дозвола бил Перуш Карпуз, чичко на Мишо Карпуз, кој се стекнал со звањето ,,шофер и механичар“ во француската војска за време на војната. Тој служел во француската армија и кога завршила војната, заедно со десетина камиони бил распределен на работа во Монополот. Перуш бил долго време единствен мајстор – механичар во градот и главен возач што бил доста ценет како занаетчија, додаде Киро Варгата.
Камиони во дворот на Монополот
Тоа е време кога Велес бил центар каде се случувале многу новини, а посебно бил значаен транспортот како основа за трговијата и индустријализацијата.
„Камиони имало и семејството Аџи Тоневи, а се споменува и Ило Руж, автомеханичар кој имал камион. Тој е познат и по тоа што по Втората светска војна ја управувал и ја пренел преку река Вардар од левата на десната страна во Велес, железничката локомотива што тогаш ја донеле од Скопје до ,,штипско џаде“. Од Железен мост била направена пруга до Стар мост, па локомотивата е префрлена на импровизиран понтонски мост на десната страна и донесена до Железен мост. Од таму, после поправката на Железен мост, кој бил дигнат во воздух од германската војска на 9 ноември 1944 година, локомотивата преминала преку мостот и продолжила кон Кочани . Тоа се случило во 1946 година. Чичко Ило Руж бил главен механичар и возач на локомотивата. Во 1947/8 година се одржани и првите курсеви за возачи во градот, а меѓу првите инструктори бил Иле Камењарчето, продолжи да раскажува Киро Варгата.
Таткото на Киро, Борис Стојанов, бил возач од 1944 до 1948 година кога преминал од државна работа во приватен превозник.
Велес, главна улица фотографирана 1936 година
„Татко ми започнал приватен бизнис возејќи возило, руски ,,ЗИС“, а потоа управувал и чешка ,, Прага“. Тоа беа возила кои се палеа на ,,курбла“. Татко ми возеше најмногу кон Врановци и Мелница, по селата. На Долги рид по обилни дождови се случуваше возилата да не можат да се искачат по ридот од пред Чашка, па таму редовно дежураа воловски запреги кои ги влечеа возилата до ,,џадето“. Се сеќавам на еден човек, Момир,така се викаше, Бошњак, што можеби беше меѓу првите таксисти и дежураше на центар, кај старата зграда на Општина Велес. Потоа отиде во странство и слушнав дека завршил како возач во НАТО. Потоа се возеа секакви коли, од ,,фордови“, ,,мерцедеси“, ,,цитроени“, „опели“. Потоа во 60/70 години испаднаа првите ,,фиќовци“, ,,рено 4“, ,, спачек“, па дојде „застава 1300“, па „101“, „,лада“…. Тргнаа работите многу бргу, веќе не можеше да се следат сите нови понуди на возила. Нашата работа имаше свои убави, но и лоши страни. Невреме на патот, снегови, па дефекти бидејќи порано тоа беа стари возила, често се расипуваа. Мачно беше, ама убаво се живееше, “ раскажуваше Киро Варгата.
Тој со камионот возел низ поранешна Југославија, превезувајќи разноводна стока.
„Секаде минев добро. За мене Југославија беше убава земја и јас сеуште сум носталгичен по неа,“ рече на крајот Киро.
Со него е добро да се разговара. Секој пат јасно и во детали се сеќава на многу настани и луѓе назад 60 години и претставува вистински извор на информации.
Велес важи за град на моторни возила, механичари, вљубеници во мотори. Дали знаете дека во поранешна Југославија Велес имаше најголем број регистрирани мотори по број на жители? Но, за тоа во некоја следна пригода.
Вашиот хроничар