Раскопаните тротоари во центарот на Велес дополнително товарени со метални шипки а билборди „насадени“ и кријат панорами

На раскопаните тротоари во центарот на градот дополнително деновиве се поставени метални конструкции. За поставeните металните шипки се извадени бехатон плочки а самите места, наместо да се вратат во првобитна состојба, замачкани се со цемент што дополнително го нагрдува просторот. Граѓани биле сведоци на начинот на ископување на дупките во кои се поставени металните држачи и сведочат дека се случувале и во текот на денот кога по тротоарите се движеле луѓе, без никаква заштита да не бидат повредени. Откако се поставени, овие метални шипки или држачи, очигледно е дека се на многу ниска висина. Еден од нив е спроти зградата на Основен суд Велес и втор на плочник пред комплекс згради „Чешел“. На нив требало да бидат поставени табли како дел од проектот за уредување на центарот на Велес, одговори на новинарското прашање на Дума.мк градоначалникот Марко Колев.
Исто така на централните улици поставени се и дополнителен број на билборди, кои наместо како во Скопје или други градови во државата каде се со прилагодени димензии на просторот, во Велес сосема блокираат панорами. Колев го прашавме колку финансиски средства се собираат во градската каса за општината да дозволи поставување на толку голем број на билборди.
-Со Одлука на Совет на Општина Велес пред уште многу години одредени се локациите за поставување на билборди. Претходно била друга фирма а сега е „Акцент“. Претходно, за наемот на сите билборди, на годишно ниво, фирмата плаќала 300.000 денари а сега четири пати повеќе, околу еден милион и двеста или триста илјади денари. Договорите се склучуваат во времетраење од пет години,“ одговори градоначалникот на Велес.

Колев додаде дека информиран бил за поставениот билборд на самиот влез во дворот на двете средни училишта, „Гимназија Кочо Рацин“ и стручното „Димитрија Чуповски“ којшто ја задскрива црквата „Свети Кирил и Методиј“ од една и од друга страна глетката на можеби најубавиот дел на тротоар во градот. Од паркот пред двете училишта до кружен тек кај Авона. Градоначалникот пренесе дека пред да биде поставен „Акцент“ ги консултирал како Повардарска епархија така и училиштата. Откако добил мислење од нив дека не им смета следело поставувањето.
Граѓани сметаат дека на овој билборд воопшто не му е местото тука како и на уште десеттина други на главните улици. Тие, исто така, сугерираат дека треба да се тргнат и металните шипки во строгиот центар на градот а за поставување на таблите да се избере ново место.
Убавка Јаневска
