Стар Велес го имаше и „Алтан маало“
Маалото „Варналиите“ било едно од најубавите на левата страна на Велес. Дека навистина во ова маало имало многу убави куќи и во нив живееле богати граѓани зборува и фактот што Турците го нарекле „Алтан маало“ или „ Златно маало“. Името го добило по граѓаните Ганчо Варналиев, кој имал фурна веднаш пред ширинката и јаворот, до која се наоѓало теќе, па дуќанот на Благој, а од другата страна бил дуќанот на Анѓушеви.
Најубавите куќи во ова маало, кој и денес претставуваат ремек дело на старата велешка архитектура и со закон се ставени под заштита , се наоѓаат веднаш над фурната на Варналијата и дуќаните на Благој столарот и на Анѓушеви.
Тоа се убавите и големите куќи на Стево Прнаров, кој имал две ќерки Стефани и Маја, на касапот Лазо Тренчов и на Димче Чокалов кој имал две ќерки Марика и Донка. Лазар имал син Кочо, а тој пак имал три сина Драган, Лазо и Борис. Касапскиот занает го наследил Лазар, кој го носи името на дедому.
Од другата страна на улицата се наоѓало семејството на Џајкови. Тука живееле Веса со децата Пала и Ружа, па Благој со жена му Слоботка и синовите Ванчо и Александар. Веднаш до нив биле Борис Јанев со жена му Румена, синовите Симеон и Благој и ќерките Цветанка и Виолета, па семејството на Киро Ружинов, со синовите Перо и Тоде, па Киро и Галаба Ноеви, со синот Бошко и ќерката Нада, а над нив биле Киро и Цвета Маневи со синовите Владимир и Ласко. До нив биле Павлина и Владо Ристови со синот Тодор и ќерката Лидија, па Ѓорѓи и Славна Паунови , со синовите Миле, Диме и Љубе, па Есмерот, Димчо Чоловчанов, со ќерките Весна, Стојна и Ефка, и Тоде Лукаров со децата Стојан, Ило и Стојна. Над нив живееле Велкови со децата Коле, Пано и Благој, па Славчо Бачев, Борис Мурџов, Ило Шутев, Цвета Шутева, а на крајот, на горниот дел од улицата, живеел Васил Коледезни.
На улицата која води кон паракилисот “ Св. Ѓорѓија“, во кој било сместено прво училиште во Македонија и во кое во 1858 година големиот Јордан Хаџи Константинов Џинот, ги учел децата на мајчин јазик, се наоѓале куќите на Или Јапон и Тодор Додов.
Од другата страна на улицата, која исто така излегува пред параклисот „Свети Ѓорѓија“, на почетокот имало дуќан, а до него била куќата на Лазо Мокров со синовите Боро и Киро. До нив биле Киро Калешов , со синот Славчо, потоа Крсто Миров, па Коле Фазлиев со синот Коче и Перуш Карпузов .Над нив биле куќите на Тоде Јанев и Сава Шутева.
На спротивната страна од нив живееле Кочо Калешов со децата Симо, Димче, Лила и Македонка па Трајко Бекташ, со децата Ило и Димле, па Славе Мишев, па Трипчеви, со синовите Никола и Киро и ќерките Благојка и Николина. Над нив биле Никола Туџаров со синот Тодор и ќерките Лена и Пандорка, а одма до нив бил семкарот Ванчо Кривошиов. Тука било и семејството на Трајче Карпузов со ќерките Родна и Нада, па на Ордан Поцев со синот Гано, па Тошо Гуцев и Тодор Ќормиров.
Над јаворот, во сокакот на левата страна од маалото била куќата на Љубе Аџиарсов со децата Трајче, Славче и Иле, потоа на Славе Ивев со сопругата Менка и ќерката – првоборец Родна Ивева а подоцна се изградени и други куќи меѓу кои и на Илија Панов. Од тука па се до долниот дел од Прцорек , се наоѓале муслиманските гробишта па така во тоа врема маалото „Варналиите“ или на турски „Алтан Маало“ било во непосредна близина на муслиманските гробишта.
Животот на граѓаните во „Алтан Маало“ се одвивал на плоштадот под јаворот. Тука се собирале и за радост и за тага. Карактеристично за ова велешко мало е тоа што поголем број од жителите биле многу имотни, биле врвни мајстори, занаетчии, лекари, трговци па и затоа имале големи куќи со богат инвентар како и во куќите на најбогатите велешки семејства како Левкови, Кончеви, Здравеви, Ѓоргови. Се разбира и во куќите на најпознатите бегови и аги.
До имињата на некои од жителите тешко дојдовме. На некои не им ги знаевме имињата на нивните потомци, па затоа не бевме во можност да ги напишеме. Не можевме да дојдеме до податоци за имињата на сопругите на овие имотни граѓани. Секоја информација повеќе е добредојдена за редакцијата на порталот Дума.мк .
Стоилко Андреевски