Верниците го чествуваа заштитникот на Велес – Свети Великомаченик Пантелејмон
Со посета на соборната црква што го носи името на светецот Великомаченик Пантелејмон, молитви, палење на свеќи и принесување на подароци за здравје, синоќа, по деветти пат велешани ги чествуваа помошта и делата на заштитникот на градот. Годинава, поради прогласениот ден на жалост, за загинатите во поплавите во скопско и тетовско, манифестацијата започна со молитвата на Митрополитот Повардарски Агатангел откако претходно чиноначалствуваше со празничната вечерна богослужба.
Пред присутните верници во храмот прв се обрати градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев кој му се заблагодари на светителот Пантелејмон што уште еднаш ги собра сите верници заедно, ги упатува едни кон други и ги одржува живи взаемните контакти и пријателства.
„Зошто така обединети во служба на народот, црквата и општината, направија многу изминативе години. Се поддржуваме во идеите и се поддржуваме во активностите и затоа успеваме толку во намерите. Кон низата изградени и обновени храмови годинава се приклучи Свети Кузман и Дамјан, се привршува изградбата на црквата Свети Јован Крстител кај Багремче, храмот и крстилницата кај црквата Света Богородица, во црквата Света Богородица во Отовица се работи на фрескоживописот, а многу конаци во општината се обновуваат и се прошируваат. Соборниот храм Свети Кирил и Методиј е во завршница. Многу брзо очекувам неговото Високопреосвештенство да определи датум за осветување. Пантелејмон заштитникот, целебникот што цели 19 века бдее над овој град ќе остане најцврстата нишка што ќе ги поврзува годините, вековите, историјата на Велес со велешани,“ рече Чадиев.
Тој му се заблагодари на духовниот татко на Велес, Митрополитот Повардарски, Агатанѓел за соработката, за цврстата воља и упорност , како што рече, да го прибере христијанското стадо во црквите.
Владиката најнапред ги искажа болката и тагата за случувањата во скопскиот регион додавајќи дека сите луѓе чувствуваат тага поради страдањата на граѓаните во општина Гази баба.
„Бог драги мои со вакви непогоди не повикува на покајание. Јас им благодарам на сите мои духовни чеда на моето богодарувано паство од господа бога, спасителот наш, од Велес па до Гевгелија кои заеднички ката недела, секој празник, секој ден наутро и напладне со сите оние кои ја посетуваат црквата, со свештенството, со кои коленичиме пред иконата на нашиот спасител бог и останатите светители. Коленичиме за спасението наше, за опростувањето на нашите гревови и постојано се молиме пред престолот на свевишниот спасител,“ рече Митрополитот Повардарски Агатангел.
Тој ги повика верниците секојдневно да се молат, да не бидат одбивни кон свештениците туку да разговараат со нив и да бидат слободни за да ги споделат своите духовни болести како што тоа го прават со лекарите за здравствените со цел да обезбедат мир и спокојство на душата.
Потоа верниците присуствуваа на уметничката програма што Македонската православна црква – Повардарската епархија и општина Велес заедно ја организираа со настапите на актерката Весна Димитрова Бобевски, Камерниот хор „Св. ВМЧ. Пантелејмон“ под диригентство на Славица Ставрева и со солистички настап на мецосопран Веселинка Маџарова Андова и сопран Вариса Ајдерпашиќ во пијано придружба на Александар Манев.
Убавка Јаневска