Познат идентитетот на загинатите во авионската несреќа кај Кожле
Нема преживеани во авионската несреќа која вчера се случи во близина на селото Кожле – потврди МВР. Во несреќата загинаа пет мажи и една жена, кои патувале од Тревизо, Италија, преку Скопје до Приштина со авион „пајпер“. Малиот авион се урнал 4 минути пред слетувањето на скопскиот аеродром, на два километри од селото Кожле во општина Петровец, пишува Нова.
Италијанските и косовските медиуми ги објавија имињата на загинатите. Со авионот управувал пилотот Франческо Монтањер кој бил претседател на аеро-клубот во Тревизо. Во авионот се наоѓале и потпретседателот на клубот Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, италијанката Илариа Берти, косовецот со италијански пасош Висар Бегај, како и неговиот брат Ф.Бегај.
Паднатиот авион бил дел од група составена од три авиони кои летале од Тревизо за Приштина, а претставниците на италијанскиот аеро-клуб требало да отворат сличен спортски клуб и во Косово, пишуваат италијанските медиуми.
На приштинскиот аеродром немало гориво какво што е потребно за авионот Пајпер, па морал да слета во Скопје, а потоа да го продолжи летот. Синоќа беа пронајдени остатоци од авионот, а јавен обвинител треба денеска да изврши увид, бидејќи синоќа теренот беше тешко пристапен поради временските неприлики. Контролата на летање на скопскиот аеродром го пријавила исчезнувањето на авионот во МВР, вчера во 17.40 часот.
Извор: Нова