ВМРО-ДПМНЕ бара и адвокатот на Груевски да влезе во Советот на Агенцијата за медиуми?!
Да се донесе Закон за владино рекламирање, од државниот буџет наместо 0,14 отсто за Македонската радиотелевизија да се одвојуваат 0,17 отсто, а организацијата да биде според комбиниран словенечко-белгиско-германски модел, порталите да се регистрираат како трговски друштва или да немаат третман на медиуми, ова се дел од предлозите за реформи во медиумската сфера што вчера на работната група ги доставила ВМРО-ДПМНЕ. Според извори од преговорите, пред претставниците на другите партии и меѓународната заедница од ливче ги прочитал министерот за здравство Никола Тодоров.
– Нејасно е зошто треба да се разговара за Закон за владино рекламирање кога во моментов нема вакво рекламирање, а рекламирањето за време на изборна кампања е регулирано со Изборниот законик – велат од СДСМ.
Владеачката партија предлага финансирањето на МРТ да остане комбинирано, дел од буџетот, дел од радиодифузната такса. Во однос на застапеноста на политичките партии предлагаат тоа да биде согласно резултатите што се постигнати на последните избори, но без да прецизираат што тоа значи, на која програма се однесува, кога ќе важи. Во однос на составот на МРТ предложиле да остане ист, а да стане принцип 100 дена пред избори, информативната програма да ја водат двајца уредници – еден од власта, еден од опозицијата.
– Но нејасно е што тоа ќе значи и што ќе биде со уредниците што до предвидениот рок ја воделе програмата, како и што ќе се случи ако двајцата уредници не се согласат околу тоа како треба да биде подготвен дневникот на МРТ – велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ предлага Советот на Агенцијата за медиуми да брои седум члена како и досега, по двајца од ЗНМ и од МАН, а по еден од МАНУ, Адвокатската комора и од универзитетите.
– Кога прашавме зошто баш од Адвокатската комора каде прв човек е личниот адвокат на Никола Груевски рекоа само дека тоа е професија регулирана со Уставот – велат од СДСМ.
Владеачката партија бара и намалување на казните за медиумите, а на порталите да им биде наложено да бидат регистрирани како трговски или да не се третираат како медиуми.
После пет месеци преговори за медиумите ВМРО-ДПМНЕ дури сега излезе со предлози што се нејасни и докрај недефинирани, реагира опозицијата.
Од СДСМ велат дека нивниот став е ист, односно за нив е прифатлив предлогот на белгискиот посредник Питер Ван Хауте во врска со медиумите. ДУИ и ДПА не покажувале голем интерес за регулацијата на медиумската сфера, нивното барање е вториот програмски сервис на МРТ да биде исклучиво на албански јазик.
На вчерашната работна група најголем дел од времето се зборувало за медиумите, додека за методологијата за прочистување на Избирачкиот список не се зборувало многу бидејќи ДУИ и ДПА рекле дека ги немаат добиено предлозите на СДСМ.
Дали денеска ќе има нова средба на работната група како беше предвидено, засега е неизвесно бидејќи СДСМ планира да побара повеќе време за да се изјасни за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ.
Став во однос на овие прашања и во однос на коментарите на опозицијата побаравме и од ВМРО-ДПМНЕ, но одговор не добивме.
Извор: Плусинфо.мк