Контејнерот поставен на главна улица во центарот на Велес им смета на граѓаните
Контејнерот кој со години наназад стоеше до ѕидот на синдикалната зграда во Велес, сега е тргнат и е поставен на улицата, на местото каде што се паркираат автомобилите. Граѓаните од околните куќи, станбени згради и дуќани реагираат, велат дека сега кесињата со отпад мора да ги носат до улицата и да ги фрлат во контејнерот кој според нив се наоѓа на несоодветно место, поточно на главната улица. Кој го поставил таму, тие не знаат.
Досега велат, контејнерот не му сметал на никого, Со години стоел таму и бил подзатскриен од главната улица. Сместен покрај автомобилите и пред очите на минувачите контејнерот полн со отпад во и надвор од него претставува грда слика на градот.
Од своето старо место контејнерот е тргнат неколку седмици. Сега на негово место се наоѓаат три метални сандачиња на кабловските оператори.
Граѓаните бараат Јавното комунално претпријатие Дервен да најде соодветно место и да го премести контејнерот од главната улица.
Инаку деновиве локалните власти продолжија со делење на канти за отпад на секое домаќинство. Досега се поделени над две илјади канти , додека за три години пак, со вакви канти ќе биде снабдено секое семејство во Велес. Според програмата на општината улицата Цар Самоил на која се наоѓаше контејнерот не е во следните 15 улици на кои ќе се делат канти за отпад./С.А