Светски ден на наставникот: Одговорна работа и изгубени вредности
Наставникот треба да биде пример за учениците, но и да е соодветно ценет и платен за вложениот труд. На светскиот ден на учителите – петти октомври, просветните работници потсетуваат дека нивната професија ја гледаат како предизвик кој носи одговорност, притисоци и проблеми, па оттука сеуште нерешениот статус на дел од наставниците,ниските плати, стравот од високите казни и дополнителниот административен ангажман ги оддалечува наставниците од примарната воспитно-образовна задача.
Професорот по германски јазик Стефан Симовски од ОУ”Лазо Трповски” за Фактор вели дека во текот на изминативе пет учебни години наставниот кадар се соочува пред се` со преобемна административна работа која директно влијае на квалитетот на наставниот процес. На тој начин според него наместо ученикот како субјект да биде во примарниот фокус на наставата и на часот како природен феномен на наставниот процес, сосема неприродно во преден план доаѓа фокусот на наставникот на административната работа.
” Целта на современиот наставен процес е токму во ставање акцент и поттикнување на креативноста на наставникот и ученикот во преден план како субјект во наставниот процес. Оттука наставникот наместо да биде креативец и единствен креатор на наставниот процес, а наедно и на часот, тој за жал е принуден да се претвора во закоравен формалист и послушен извршител на обемни администравни задачи. Поради тоа наставникот денеска се` повеќе станува демотивиран за работа”- додава Симовски.
Реформите во образованието како што вели беа направени и продолжуваат да се прават без сериозни консултации со стручната јавност. Ова според него го покажува и фактот што обемната анализа на реформите и суштинските проблеми во основното и средното образование направена од Наставничкиот пленум која беше доставена пред две години до МОН покажа дека оваа институција надлежна за образованието остана целосно индиферентна на барањата на наставниците.
“Воведувањето на екстерното тестирање од самиот почеток беше проследено со контроверзи и предизвика низа проблеми. Министерството за образование и наука од причини што им се познати само ним уште во стартот отстапи од својот првичен концепт (што го најави тогашниот министер за образование Никола Тодоров и кој беше прифатлив за сите чинители вклучени во него). Неоспорно е дека екстерното тестирање го имаат голем број европски држави, но Република Македонија има единствен систем на екстерно оценување во светот. Имено, екстерното тестирање само по себе претставува формативен, а не сумативен начин на оценување. Тоа го знаат и го почитуваат сите земји кои го имаат воведено екстерното и кои го спроведуваат наниво на држава. Единствено во образовниот систем на Република Македонија ученикот добива годишна оценка по основ на едно единствено годишно екстерно тестирање и згора на тоа таа влегува во свидетелството, а со тоа и во вкупниот успех на ученикот”- објаснува професорот Симовски.
Цели пет години според него екстерното се сведува на обид за што поуспешно решавање на еден т.н. квиз-тест, за притоа оценката на наставникот да падне во втор план поради како што вели ригидната политика на МОН поврзана со напредувањето во кариерата на наставникот. Па затоа екстерното наместо да помогне за подигање на квалитетот на образованието во практиката се сведе на судир помеѓу наставникот и МОН. За трагедијата да биде уште поголема според професорот, Уставниот суд цела година не се изјаснил по иницијативата на Наставничкиот пленум за оценување на уставноста на ваквото екстерно тестирање.
Реформите во образовниот процес меѓу кои Кембриџ програмата, компјутер за секое дете, проектот бесплатни учебници наместо да ја оправдаат својата цел, според професорот донесоа контраефект во спроведувањето на наставниот процес.
Текстот во целот прочитај го на Факултети.мк