Традиционален турнир во борење ќе се одржи во сабота во Велес
Во вистинска арена ќе се претвори спортската сала „Гемиџии“ во Велес, во која во сабота професионални борци ќе си ги одмеруваат силите во девет атрактивни борби. На турнирот во борење ќе учествуваат професионални борци од Република Србска, Република Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Боите на нашата држава ќе ги бранат професионални борци од Скопје, Струга, Гостивар, Битола, Куманово, Штип и Велес. Борбите ќе се изведуваат по УФЦ правила, ќе траат по пет минути во две рунди а ќе се договараат според искуството и килажата на спортистите.
„Во следниве неколку денови следат завршните подготовки на турнирот. Годинава ќе го посветиме на нашите бранители од минатогодишните немили настани во Куманово и ќе има свое име „Ноќ на вечните, засекогаш со вас“. Годинава ќе имаме девет професионални борби со професионални борци. Во 15 часот во сабота ќе се случи официјалното мерење на борците пред поставениот кафез и рампа. Турнирот официјално ќе започне во 19 часот“, рече Раде Стефановски, спортски центар Будо.
Двајца велешани ќе учествуваат на турнирот во борење во спорстката сала. Едниот од нив е Ристе Гашев, професионален борец од спортскиот центар Будо и Илија Андов.
„Четири години сум во центарот. Досега не сум бил поспремен бидејќи четири – пет месеци интензивно тренирав заедно со мојот тренер. Подготвен сум и очекувам победа иако имам сериозен противник од Босна“, рече Гашев.
Директорот на спортската сала Гемиџии Александар Табаков очекува во сабота да се случи вистински спектакл и несекојдневно спотрско доживување за велешани.
„Се очекува спектакл, сите помошни трибини ќе бидат спуштени и атмосферата ќе биде направена онака како што доликува за еден ваков спортски настан. Годинава ќе биде ангажирана и една фирма која ќе обезбеди амбиентално осветлување и озвучување и на велешани можеме да им ветиме една одлична атмосфера и одличен спортски настан во кој ќе можат да уживаат во една добра ноќ на боречки спортови односно 9 професионални и атрактивни борби. Ги повикувам велешани да присуствуваат и да им дадат поддршка на двајцата наши борци натпреварувачи“, рече Табаков.
Билетите за турнирот веќе се пуштени во продажба. Чинат 150 денари а велешани ќе можат да ги набават секој ден од благајната на спортската сала од 08 до 23 часот и во спортскиот центар Будо./Д.С