Сите патишта на гурманите викендов водат кон Велес, на манифестацијата „Велешка Питијада“
Цветен венец за добредојде ќе ги пречека сите годинешни посетители на манифестацијата „Велешка питијада“. Закачен е на симболична порта за влез на штандовите од долната страна на улицата „Благој Ѓорев“. Поставен пред влезовите на црквата во изградба „Свети Кирил и Методиј“ и гимназијата „Кочо Рацин“ венецот од цвеќе на секој гостин му покажува дека стигнал на територијата на најавкусниот традиционален специјалитет во Македонија – велешката Пастрмалија. Во градот веќе започна тринаесеттата манифестација „Велешка питијада“.
На продажните штандови дојдоа првите гости на манифестацијата. Колегијален ручек со пастрмалија, семејно насладување на специјалитетот или пак купување за дома. Ваков е првиот впечаток од попладневната прошетка по улицата која за дваесет и четири часа го промени рувото и од кафетериска стана пастрмалиска. Четириесет угостители годинава поставија триесет продажни штандови. Тие ја превземаа улогата да ги угостат сите гости што вечерва и во престојниот викенд ќе дојдат во Велес на Пастрмалија.
И додека од рестораните во градот и од Рибникот во Оморани се дистрибуираат првите количини на Пастрмалии, винариите ги точат првите количини на вина.
Годинава една Пастрмалија чини од 130 денари и чаша вино од 30 до 40 денари. Освен наливно, винариите ги донесоа и своите ексклузивни колекции на вина. На гостинот останува да одлучи што ќе пие додека го дегустира највкусниот велешки специјалитет, велат келнерите.
И овојпат манифестацијата има богата музичка програма во која подеднакво се застапени изведувачи од домашната естрада и од странство. Градоначалникот Славчо Чадиев вели дека ќе има добра забава рамномерно распределена во трите вечери на манифестацијата. Ќе учествуваат петнаесет гости, уметници и бендови кои ќе изведуваат фолк, поп и рок музика.
„Очекуваме поголем број на гости од лани. Имаме најави од туристички агенции и бесплатен железнички превоз викендов до Велес. Угостителите ветија дека се подготвени да ги прифатат сите гости кои од вечерва се до недела ќе дојдат на манифестацијата. За разлика од лани имаме окрупнување на штандовите, значи поврзување на два или повеќе угостители со винарија па така вкупниот број изнесува 40 а се поставени на 30 штанда. Се надевам дека во наредните 48 часа се ќе се реализира како што предвидовме. Без разлика што времето вечерва не е поволно сакам да ги охрабрам сите граѓани на Македонија да ни дојдат на манифестацијата. Освен одлична Пастрмалија, убаво вино имаме ангажирано и еминентни музички имиња за делот на забавата, за што им благодарам на велешките стопанственици и нивната несебична поддршка на манифестацијата, рече Чадиев.
Во рамките на првиот ден на манифестацијатата „Велешката Питијада“, поточно во сабота, ќе биде отворена изложба на стари автомобили –олдтајмери и ќе биде промовирана и потоа исечена џиновската – Пастрмалија.
Вечерва на манифестацијата покрај највкусната пастрмалија и вино гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Елена Велеска, Јордан Митев, групата Маестро, групата Љубојна и трубачот Џамбо Агушев како и Каролина Гочева.
Во сабота вечер за забавата се задолжени Антонија Гиговска, Мики Секуловски, Наташа Малинкова, Дани Димитровска, Тропико бенд и Жељко Јоксимовиќ.
На последната вечер, во недела, се планирани настапите на Нокаут, ДНК и Ван Гог.
Убавка Јаневска