Велес избра пожарникар, полицаец, хуманист, комуналец, занаетчија и земјоделец
За најуспешен полициски службеник годинава е прогласен триесет и седум годишниот велешанец Рубинчо Димовски, вработен во дежурната служба на полициската станица во Велес. Учествувал во многу акции и задачи во кризните региони и во конфликтот во 2001 година. Колегите го опишуваат како посветен, одговорен и професионален полициски службеник.
За своето триесет и три годишно работно исуство во територијалната противпожарна единица во Велес, за неговата посветеност и одговорност во извршување на работните задачи, како најдобар пожарникар за 2016 година е прогласен Киро Димовски. За хуманист на годинава е прогласен крводарителот Небојша Цветковиќ. Тој е долгогодишен активист на Црвениот крст и својата крв ја дарувал дури 112 пати. За многубројните спасени човечки животи, хуманост и желбата за помош и солидарност општина Велес го прогласи за најхуман граѓанин за 2016 година. Горан Николов е прогласен за најдобар комунален работник за годинава.
Посветен на работата и способен да изнајде решение за секој комунален проблем, Николов со гордост ги извршува своите работни задачи во одделот водовод при ЈКП Дервен. Најуспешен занаетчија за 2016 година е Марин Јанев. Тој е еден од ретките велешани кои ја продолжуваат традицијата во грнчарството во градот. За најдобар индивидуален земјоделец годинава е прогласен Ивица Стојчев од село Иванковци. Татко на три деца, со земјоделие се занимава од својата десетта година а во обработувањето на земјата има огромна помош од своето семејство.
На крајот од старата и прагот на новата 2017 година, општина Велес додели и 18 стипендии на средношколци и студенти од градот.
Општината и годинава ги награди најдобрите училишта во собирање на отпад. За најуспешно училиште во собирање на отпад за рециклирање е прогласено основното училиште Св. „Кирил и Методиј“, а за електронски отпад е прогласена Детската градинка „Димче Мирчев“./Д.С