Фактор: Масовното исселување ја намалува невработеноста !
Првите три месеци од годинава, според сумираните податоци на статистиката, донесоа добра вест. Невработеноста заклучно со март, во однос на последниот квартал од лани се намалила за 0,3% и изнесува 27,3%. Според Владата, оваа стапка на невработеност е една од историски најниските. Според дел од економистите пак, и со ова ниво на невработеност Македонија останува земја-лидер според бројот на невработени, со алармантна состојба особено кај младите лица. Но она што дополнително заслужува анализа е прашањето како се намалува невработеноста, како резултат на вработувања во јавениот или во приватниот сектор, или можеби во прашање се и други фактори, пишува Фактор.
Се намалува работоспособното и активното население…
Според новите податоци на Заводот за статистика, заклучно со првиот економски квартла, во земјава имало 262 140 невработени лица или стапка на невработеност од 27,3%. Од друга страна бројот на вработени лица бил 697 248, или стапка на вработеност од 41,6%. Во изминатиот период државната статистика речиси во континуитет објавува тренд на намалување на невработеноста, со што, оценуваат од Владата, невработеноста е на рекордно најниско ниво.
Според економистите, за да се добие реална слика за состојбата, треба да се анализираат неколку фактори: дали се работи за нови вработувања во приватниот сектор, колкав е уделот на вработувањата во државниот сектор, потоа колку чинат субвенционираните вработувања и како врз целата состојба се одразува одливот на работоспособна сила во странство.
“Намалената стапка на невработеност е резултат на неколку мерки, односно фактори. Најпрво, тука се вработувањата во администрацијата. Потоа следуваат мерките на Владата за вработување во приватниот сектор, кои се нарекуваат активни мерки но тие имаат краткорочен ефект и се со буџетска поддршка. Сега се случува и операцијата за трансформација на вработени во државен сектор, и сите овие мерки имаа повеќе козметичка отколку економска димензија“, вели универзитескиот професор Ванчо Узунов.
На крајот од првите три месеци од годинава, стапката на активност изнесува 57,3%, односно бројот на активно население изнесува 959 388 и тој во однос на претходниот квартал е намален за две илјади лица. Намалување има и кај борјот на работоспособно население. Според дел од економистите, еден од факторите кои имаат рефлексија на состојбата со намалување на невработеноста е токму одливот на работоспособно население во странство.
“Сметам дека одливот на работоспособно население има удел врз вкупната состојба на пазарот со работна сила, а со тоа и врз стапката на работоспособно население, која е основа за пресметка на вработеноста и невработеноста. Имено доколку стапката на работоспособно население се намалува, тогаш се намалува и основата за пресметка за вредностите за невработеноста и вработеноста“, вели професорот Узунов.
Според последните достапни мерења што ги спроведе Светска Банка, земјава веќе се соочува со драматичен одлив на граѓани. Од 1998 до 2011 година се отселиле 230 000 жители, односно 10 отсто од вкупниот број. Ако се продолжи со ова темпо, според проценка на Светска банка до 2030 година ќе има помалку од 1,8 милиони жители, наспроти сегашните 2,1 милион. Голем дел од исселените не само што се работоспособни, туку главно се и високо едуцирани лица, кои во потрага по егзистенција и подобар квалитет на живот, секојднавно ја напуштаат земјава.
“Податоците од пописите на населението укажаа на диспропорции во движењата на работоспособниот и активниот контингент, чии големини најчесто кореспондираат, односно сигнализираа намалување на демографската рамка на понудата на работната сила и опаѓање на порастот на активното население. Тие би можеле да се објаснат со загубите на дел од работната сила условени од интензивните емиграциони движења во странство, зголемениот одлив на работната сила со редовното и предвременото пензионирање по разни основи во процесот на транзиција, како и со неоспорниот факт дека релативно голем дел од работоспособното население е неактивно, односно не се регистрира ниту како вработено ниту како невработено“, се констатира во научниот труд “Користењето на човечките ресурси и економијата базирана на знаење во Република Македонија“.
Текстот во целост прочитај го тука.