Мразот почна да се топи во Велес но, од утре нови врнежи на снег и нешто повисоки температури
Мразот што во четвртокот, на петти јануари, го окова Велес денеска почна да се топи. Дури денеска може да се каже дека е постигнат ефектот од фрлените количини на сол и ризла на главните градски улици. Тие се чисти и возачите можат да здивнат. Таксистите велат дека денешниот ден им е прв без грижи додека ги превезуваат патниците по централните сообраќајници „8 – ми Септември“, „Благој Ѓорев“, „Алексо Демниевски“ како и по улиците од Трговскиот центар во Нова населба кон училиштето „Васил Главинов“, кон средношколскиот интернат, средното стручно „Коле Неделковски“ и комплексот згради. Сите овие улици се наоѓаат во нискиот дел на градот.
– Сеуште не возиме на Прцорек, Варналиите, кон двете градски цркви Свети Спас и Свети Пантелејмон, улиците кои се погоре од Којник, мислам на улиците под Вршник, на Камено брдо. Таму е опасно да се вози бидејќи се е под мраз. Засега безбедно ги превезуваме патниците само долу во централниот дел на градот, рекоа неколкумина таксист кои чекаа патници пред Стоковната куќа.
Денеска, после пладне, или шест дена по паднатиот прв снег годинава во споредните улици на централното градско подрачје успеаја да влезат тракторите на ЈКП „Дервен“ и да го соберат сметот. Контејнерите и корпите за смет таму и на главната градска сообракајница останаа полни, барем до пладне.
Мразот и снегот кои деновиве ги парализираа споредните улици во Велес им создаваа грижи и на здравствените работници од Итната медицинска помош. Тимовите од службата за домашна посета пеш се качуваа по стрмните улици со цел да одговорат на повиците на болните граѓани за медицинска помош во домашни услови.
Управата за хидрометеоролошки работи за од утре најави повисоки температури но и нови снежни врнежи. Тие најверојатно ќе донесат нови проблеми ако снегот не се чисти во моментот додека паѓа и на исчистените коловози и тротоари не се фрлат нови количини на ризла и сол.
Убавка Јаневска