Демант на веста 54 Рацинови средби – „Рацин е џин и грамада“ од Претседателот на Советот на Општина Велес
Објавената информација на веб порталот Дума.мк со наслов во која известуваме за свеченото отворање на културната манифестација 54 Рацинови средби, „Рацин е џин и грамада“ порачаа проф. др Мишел Павловски и поетот Игор Клетников “, до нашата редакција демант стигна од Претседателот на Советот на општина Велес, Александар Колев.
Демантот го објавуваме во целост:
Почитувани,
Дозволете да ја изразам мојата реакција и најостар демант на веста објавена на вашиот медиум – интернет портал “duma.mk” на 10.06.2017 со наслов “54 Рацинови средби – „Рацин е џин и грамада“ порачаа проф. др Мишел Павловски и поетот Игор Клетников. “
Во веста која информира за настаните поврзани со отворањето на 54 Рацинови средби пренесена е една, се надевам ненанмерна, невистина поврзана со мојата личност и функцијата која ја обавувам – Претседател на Совет на Општина Велес.
Во текстот, имено се вели: ” Зборовите на Игор Клетников и на Проф. Д-р Мишел Павловски ги слушнаа првите луѓе од организациониот Одбор на манифестацијата Рацинови средби, претседателот и членови на претседателството на Друштвото на писатели на Македонија, Клуб на писателите „Кочо Рацин“ од Велес како и градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на Советот на општина Велес Александар Колев . Ниту еден од нив не реагираше кога Чилиманов го нарече Кочо Рацин џуџето од Велес.”
Најостро ја демантирам информацијата дека јас, Александар Колев, како претседател на Советот на Општина Велес не сум реагирал на омаловажувањето на ликот и делото на Рацин. Напротив, и јас, и Советот на Општина Велес, во целост и без разлика на нашата партиска припадност упативме јавна осуда на сите обиди за девалвирање на ликот и делото на великанот Коста Солев Рацин. Јавната осуда беше објавена на 28.02.2017 и доставена до средствата за јавно информирање, вклучително и до вашиот медиум. Во прилог ви го доставувам и документот од јавната осуда, на кој покрај текстот од осудата е и мојот и потписите на останатите членови на Советот на Општина Велес.
Впрочем, за реакцијата, веќе истиот ден, на 28.02.2017, информираше и вашиот медиум во следната вест :
http://duma.mk/region/veles/21960-2017-02-28-17-14-56.html
Верувам дека станува збор за ненамерна грешка и затоа верувам и очекувам од вас и вашиот медиум, во интерес на објективното и точно информирање на јавноста, да биде објавен овој мој демант и веста да биде корегирана.
Живееме и функционираме во време кога медиумскиот простор е преплавен со т.н. “Лажни вести” кои влијаат на креирањето на јавното мислење. Истовремено довербата на јавноста во политичарите и носителите на јавни функции, но и довербата во средствата за јавно информирање е на исклучително ниско ниво. Затоа, сметам дека подигнувањето на довербата на јавноста е наша заедничка цел и затоа настојувањата кон остварување на таа цел треба да бидат заеднички.
Сметам дека објавувањето на овој демант ќе биде мал чекор кон поголема транспарентност и објективност, а со самото тоа и поголема доверба на граѓаните во нашата работа.
Со почит,
Александар Колев
Претседател на Совет на Општина Велес