Во името на таткото!

Објавено: 17 јануари, 2013, во 13:19 часот

Што значи татковството во Франција? Во интервју за француски „Фигаро“, Мари Плард, адвокат и автор на книги посветени на темата „татковство“ зборува за другата страна на приказните. За страдањето што никој не го забележува.

„Во разговорот со првиот клиент што го бранев, посакав да му кажам дека ја погрешил адресата. Ме побара во текот на првите 12 недели од бременоста затоа што сакаше жената со која се гледа да ја прекине бременоста. Како борец за правото на жените да располагаат со своето тело мислев дека е сосема луд! Но, почувствував дека е исполнет со болка. Кога ги споделив моите размислувања со околината,  ми велеа „Тој сака да се заштити себе си„ или „Си добил што си заслужил“  и сватив дека неговото страдање е неприфатено. Такво неразбирање наоѓав и во судниците. Во секој случај има правна празнина, но тоа е само затоа што мажите никогаш не се гласни околу тоа. Ако жената забремени немаат исти карти во рацете: жената може да одлучи да го задржи детето, да зема пилули или да ја прекине бременоста, па дури и да го напушти детето по породувањето, но мажот не може ништо. И никој никогаш не се прашува како е да се биде на негово место. Прашањето што го отвора Плард е односот на правниот систем кон одговорноста на обата партнери. Судот му објаснува на мажот дека треба да ги сноси последиците, но не и на жената која е по закон на природата е предодредена за раѓање. Во трката помеѓу правото на клиентите и структурата на правниот систем, Плард го бара балансот заснован на факти, вистински луѓе и случаи со кои се соочува, независно дали ќе ја осудуваат или ќе поттикне на размислување околу еднаквоста и одговорноста.

И додека во Франција прашањето на татковството добива поинаква димензија и потреба за длабочинска анализа на животните приказни во интерес на општеството, во Македонија менталитетот и традиционалните вредности сеуште го кројат општествениот тренд. А вистинските приказни можат да се најдат и во бројките на Државниот завод за статистика. Најголемиот број од живородените деца (88.4%) во 2011 година се родени во брак. На 100 живородени деца во Македонија, се случува 21 абортус. На  1000 склучени бракови,се случуваат 119 разводи. Татковството за дете родено вон брак се утврдува со лична изјава за признавање дадена пред надлежна матична служба или преку тужба за утврдување на татковство. Центарот за социјална работа е исклучиво надлежен орган да одлучува кај кого од родителите детето ке остане на чување и воспитување и да ги уреди личните односи на детето со другиот орган, во случај на престанок на вонбрачната заедница и тогаш кога родителите не можат меѓусебно да се договорат. Наспроти податоците на надлежните институции, скриените погкеди по судските кулоари, вистинската  приказна за татковството сеуште останува неоткриена, закопана некаде во секојдневието на македонските татковци. Можеби од таму треба да се почне во потрагата по баланс помеѓу половите особено кога во прашање се децата и иднината.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.