(ФОТО) Во Велес, до 10 часот одзивот на избирачите изнесува 10,72 отсто
Осумдесет и осум годишната Нада Манушева е највозрасниот избирач запишан во Избирачкиот список на избирачкото место 2156 кое се наоѓа во зградата на економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес. Таа и денска дојде и го оствари своето избирачко право. Насмеана и ведра, оваа витална жена вака одговори на новинарското прашање што очекува од новиот Градоначалник и Совет на Општина Велес.
– Да ни го уредат градот, да биде поубав и за младите и за старите. И секако да водат поголема грижа за нас пензионерите, рече Манушева. Taa беше 125 граѓанин што го оствари правото на избор на двете гласачки ливчиња претпладнево во 10 часот.
Претседателката на избирачкиот одбор Роска Петрова рече дека е задоволна од тоа како се реализира избирачкиот процес.
– На избирачкото место 2156 според единствениот избирачки список право на глас треба да остварат вкупно 801 граѓанин на Велес. Од нив веќе излегле и гласале 15%. Избирачкото место беше отворено навреме и до овој момент немаме никакви забелешки, рече Петрова.
Во зградата на ова средно училиште кое се наоѓа во централното градско подрачје поточно во месноста Дворови, има уште едно избирачко место. Тоа е со број 2157. Во моментот додека екипата на Дума.мк присуствуваше таму претседателката на Избирачкиот Одбор, Убавка Јаневска даваше инструкции на жена што ја немаше на избирачкиот список како да постапи за да може да си го оствари своето право на избор.
– На ова избирачко место има евидентирано вкупно 396 граѓани со право на глас. Избирачкото место го отворивме во 7 часот. Досега нема никакви други поплаки од граѓани освен една жена што ја немаше во избирачкиот список а со себе носеше лична карта со истечена важност, рече Јаневска.
Овие избирачки места се само две од вкупно 84 на подрачјето на Општина Велес каде денеска своето право на избор на нов Градоначалник и нов состав на Советот избираат вкупно 46.525 граѓани со право на глас.
Според податоците на Претседатеката на Општинската Изборна Комисија, Лили Велковска сите избирачки места биле навреме отворени а излезноста до 10 часот на ниво на општина изнесува 10,72% или веќе своето право го оствариле вкупно 4987 граѓани. Велковска рече дека засега нема пријави за проблеми поврзани со изборниот процес. Исто така вчера гласале 123 болни граѓани/У.Ј