Велес со водовод меѓу првите градови во Македонија
Велес е еден од ретките градови во Македонија кој уште во 1924 година имал изградено водовод од кој вода во своите домови добиле повеќе имотни семејства. И маалските чешми на Којник, Бричкова, Прчиева, Маалска и други добиле здрава вода. Овие чешми биле изградени во турското а водата во нив доаѓала од Раштанскиот водовод и од водоводот во Бањиште. Потоа само биле поврзани на Дервенскиот водовод. Од таму градот се снабдуваше со вода се до шеесетите години на минатиот век кога комуналното претпријатие изврши бушење и изгради бунари во велешката Населба „Шорка“. Местоположбата на рени бунарите во „Шорка“ беше во близина на река Вардар па се обезбеди доволна количина на вода по што се изгради комплетен цефковод во градот. Први вода добија жителите од долните делови на градот. Потоа, до 1965 година, питка вода доби стариот дел на Велес и по него новиот дел на градот.
Комплексот бунари „Шорка“, кој се наоѓа во близина на реката Вардар, недалеку од Колска, преставува дел од два цевасти бунари и систем од 8 бушотини. Со помош на пумпи се црпеа подземните води, по што се вршеше дезинфекција на водата и течеше низ дистрибутивната мрежа преку главен челичен цевковод со димензии од 500мм. Бунарите имаа капацитет од 50 литри вода. Овие количества , во овој период, целосно ги задоволуваа потребите на велешани.
Со воведувањето на водата во куќите животот на велешани значително и брзо почна да се менува. Повеќе немаше редици со ѓумчиња, стомни и бардачиња пред маалските чешми. Во домовите на граѓаните се изградија тоалети и купатила. Од Дервенскиот водовод вода добивале пред се жителите од левата страна како и помал дел од десната страна на Велес“, рече портпаролката на градското комунално претпријатие „Дервен“,Тодорка Пенкова Андреевска.
„Во овој период Велес имал дваесетина илјади жители па количиствата на водата од комплексот бунари Шорка и од Дервенскиот водовод ги задоволувале нивните потреби. Меѓутоа, со миграцијата село- град, бројот на жители значително се зголемил. Новодојдените граѓани , во изградени дивоградби на ридовите, ја зголемуваат потребата од вода за пиење. Тогашните раководства на комуналното претпријатие и општината, особено во летниот период, имале големи проблеми со снабдување на населението со вода за пиење. Воведувани биле редукции. Токму поради тоа во 1973 година била донесена одлука за изградба на три рени бунари. Првиот во комплексот „Шорка“ бил предаден во употреба во 1974 година, а третиот во 1981 година. Тие биле изработени по франциуска технологија. Постојат и денеска и претставуваат цевасти бунари со дијаметар од 4000мм и длабочина од 9-12 метри. Во секој бунар, на дното има перфорирани дренови со дијаметар Ø150 мм и должина од 15-20 м во форма на краци, низ кои подземните води влегуваат во бунарот, по што се врши дезинфекција на водата и истата тогаш се транспортирала во дистрибутивната мрежа преку главен челичен цевковод Ø 500 мм. Овој комплекс има капацитет од 50 до 120 литри во секунда, во зависност од периодот во годината“, рече Пенкова Андреевска.
Дервенскиот водовод беше исклучен од употреба во 1991 година кога беше пуштена во употреба Фабриката за преработка на вода за пиење позната како Филтерна станица. Објектот се изгради со парите на велешани кои во средината на осумдесетите години на минатиот век одлучија да си градат нов водовод преку самопридонес.
Од парите што се собираа за изгради брана на реката Тополка, во близина на селото Лисиче, потоа фабрика за преработка на водата и дваесет километарски цевковод од филтер станицата до акумулацијата на реката Тополка. Беше формиран одбор за реализирање на самопридонесот. Најнапред беше изградена фабриката за вода и цевководот од кај Гимназијата до филтер станицата, лоцирана под ридот Вршник во месноста викана „Камено брдо“. Паралелно се градеше и цевководот од филтер станицата до браната на реката Тополка, кај селото Лисиче.
Но, следеше распадот на тогашната држава Југославија и осамостојувањето на Република Македонија во која за време на транзицијата пропаднаа поголем број фабрики, работниците останаа без работа, а со тоа значително се намалија и парите што ги даваа вработените за решавање на проблемот со водата за пиење.
Тогаш се намали и темпото на градежни работи на браната. Зад нејзината доизградба мораа да застанат македонските Влади. Тие на изведувачите на грандиозниот објект, Бетон, Гранит и Маврово, им плаќаа со гориво од државните резерви за да ја дозавршат браната на Хидросистемот „Лисиче“.
Работите се провлекоа повеќе години.
Конечно браната беше готова после осумнаесет години од почетокот на изградбата и за тие близу две децении во неа беа инвестирани 60 милиони долари од кои 10 милиони од жителите на Велес, а останатите 50 милиони долари ги обезбеди државата. Со изградбата на браната и скренување на водите на Врановска Река во акумулацијата Велес доби 300 литри вода во секунда со кои трајно го реши проблемот со здрава вода за пиење.
Стоилко Андреевски