Кој е Љубомир Ковевски – кандидатот за нов Јавен обвинител?
Послушник, близок до владејачката гарнитура или професионален гонител на криминалци? Кој е Љубомир Јовевски–кандидатот за нов јавен обвинител.
Од Владата го опишуваат како правник кој ги поминал сите скалила во системот, а велат го избрале, бидејќи имал беспрекорна биографија без ниту една дамка, информира ТВ24.
Љубомир Јовевски има 63 години и е роден во Прилеп. Помалку познат за јавноста, но многу повеќе познат меѓу своите колеги. Целиот професионален живот го посветил на правосудството, односно речиси 40 години е во правосудниот систем. Во кариерата ги поминал сите фази од кривичната област – извршување на санкции, судија и обвинител.
Неговото прво вработување било во 1979 година, и тоа како приправник во Секретаријатот за правосудство и управа, бил избран за судија во основниот суд Скопје 2, а потоа оди во обвинителската функција. Бил и заменик на јавниот обвинител. А, од пред две години е во Советот на јавни обвинители. Оттаму сега оди на чело на јавното обвинителство, како предлог на владата.
Во интервју за Дојче Веле, Јовевски вели дека смета оти ќе успее да го реформира обвинителството.
„Знам дека Обвинителството може да ја смени сликата во јавноста и да се зголеми довербата во него, со следење на квантитативните и квалитативните податоци од постапувањето на секој јавен обвинител, и да се обезбеди гаранција за самостојност на јавните обвинители во постапувањето.“ – вели Јовески.
Љубомир Јовевски ќе седне на местото на Марко Зврлевски, кој пак ќе остане запаметен како јавен обвинител во чие време се формираше СЈО, и кој често беше мета на критики за неажурност и селективност. Обвинителството во негово време беше критикувано дека не постапува или не гледа основа за бројни случаи, меѓу нив и тие за Македонска банка и Актор, но и повеќе случаи за корупција врзани со тогашната актуелна власт, кои го привлекоа вниманието на јавноста. Сега на неговиот наследник Јовевски, останува да ја врати довербата и да ја промени сликата на инсистуцијата во јавноста.