Првото новороденче во Велес е девојче и уште четири машки бебиња како најава за берикетна 2018 година
Девојчето што мајката Наиме Алиева го роди, во понеделникот на 1 јануари, во Општа болница Велес во 16.55 часот е првиот жител на Велес во 2018 година. Тоа е тешко 2 килограми и 960 грама и е долго 50 сантиметри. Девојчето е прво и во семејството Алиеви, од Горно Јаболќиште, затоа што веќе има три братчиња.
– Триесет годишната Наиме Алиова, стана мајка на четврто дете. Таа роди здаво женско бебе. Породувањето беше спонтано, нормално. Бебето е добро, мајката добро се чувстува, се е во ред, рече гинеколог д-р Соња Димова. Таа ја породи Наиме.
Новороденчето и мајката Наиме Алиева ги посети Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски. Традиционално им подели подароци меѓу кои и плик со 12.000 денари како награда. Во оваа прилика им ја честиташе Новата 2018 година и им посака многу здравје, среќа и бериќет.
– Велат дека ако првото бебе е женско, дека годината ќе биде бериќетна. Посакувам и на семејството и на сите граѓани на Општината да имаме бериќетна година, да има што повеќе новородени здрави деца. Новороденчето нека расне во мир, љубов и слога, да биде среќно и безгрижно. Тоа го посакувам и на сите бебиња кои ќе се родат годинава – рече градоначалникот Коцевски
Тој честитка упати и до вработените во Гинеколошко-Акошерското одделение, како и до сите граѓани на Велес.
Од ЈЗУ Општа Болница Велес денеска информираа дека во изминатите три дена на одделението за акушерство се родени уште четири машки бебиња. Од таму исто така очекуваат бериќетна година во која ќе имаат многу повеќе работа од минатата кога породиле 649 родилки кои на свет донеле исто толку здрави новороденчиња./У.Ј