Кардиоваскуларните заболувања причина број еден за смртност кај населението
Пушењето е фактор број еден кој влијае на кардиоваскуларните заболувања. Но освен овој порок главни виновници се и конзумирањето мрсна храна, шеќерната болест и стресните ситуации. Статистиката на Светската здравствена организација покажува дека дури 63 посто од сите заболувања во светот спаѓаат на кардиоваскуларните заболувања кои предизвикуваат најголема смртност кај населението. Во светот годишно умираат 17, 3 милиони луѓе од срцево садови заболувања.
„Кардиоваскуларните заболувања се општествен проблем и тоа од две причини, го нарушуваат начинот на живеење на сите граѓани како и средината во која што живеат. Тука е улогата на Црвениот крст кој преку разни активности и едукации врз населението може да влијае на спречување на појава на овие заболувања и на тој начин да го подобри животниот век на луѓето“, рече д-р Милчо Трајков, кардиолог.
Алармантна е состојбата со младите луѓе кај кои се почесто се појавуваат кардиоваскуларните заболувања, велат лекарите. На удар е младата популација на возраст помеѓу 20 и 39 години кои често се соочуваат со срцеви болести. Статистиката покажува дека Македонија е на листата заедно со Србија и Унгарија каде бројот на срцево болни зе зголемува од година во година.
„По ништо не се разликуваме во однос на светот. Во одредени европски земји појавата на кардиоваскуларни заболувања е поголема. Тоа се Србија, Унгарија. , Помал е бројот на заболувања во медитеранските земји како што се Шпанија, Франција затоа што населението во својата исхрана многу често ја користи рибата. Таму најверојатно свеста кај граѓаните е поголема или пак поригорозни се мерките во однос на пушењето“, рече Трајков.
Неделава се одбележува како недела за борба против кардиоваскуларните заболувања, но интенцијата на Црвениот крст е кампањата да се спроведува во текот на целата година со цел да се сврти вниманието на граѓаните за последиците по здравјето и животниот век од кардиоваскуларните заболувања./Д.С