Димитар Чоков е среќниот фаќач на крстот на Војордан 2018 во Велес а Марија Давчевска прва велешанка што храбро заплива во осветените води на македонскиот Јордан
Триесет и едногодишниот Димитар Чоков од велешката населба Превалец го фати крстот што Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел го фрли во осветените води на реката Вардар од Мало Мовче. Тој е оженет и татко е на двогодишна ќерка. Чоков е вработен во кавадаречки „Дрекселмајер“. Тој на денешниот празник „Војордан – Водици“ по осми пат заплива во водата на реката како дел од тајфата која исто така пред шест години имала фаќач на крст.
– Пресреќен и возбуден сум. Им посакувам на сите што запливуваат во водата на Вардар да го фатат барем еднаш крстот и да го почувствуваат она што јас денеска го чувствувам. Кога пред шест години мојот другар го фати тој ми рече кога ти ќе го фатиш крстот ќе видиш како е. На сите мои сограѓани им посакувам среќна и бериќетна година, рече Чоков.
Тој беше само еден од вкупно 75 млади велешки момчиња кои годинава запливаа на Војордан во водата на Вардар. Седумдесет и шеста беше дваесет и двегодишната велешанката Марија Давчевска . Таа е првата девојка од Велес што се обиде да доплива до Крст.
На свечениот дел во епархискиот објект на Епархијата Повардарска Димитар Чоков прво доби благослов од Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел. А потоа и подарок привезок златен крст и примерок од Светото писмо – Библијата.
– Нека е честито, благословено, Господ да му даде здравје и сите желби што ги замислил, во неговото срце, во неговата душа Бог нека му ги исполни. Момче крстот да си го носиш а тоа што пишува во Библијата да го примиш во срцето, во умот и во душата и живеј како што Христос заповедал. Бог нека те благослови , рече Митрополитот Агатангел.
Пороа прв подарок телевиор на Чоков му подари кумот на годинешната манифестација „Водици – Богојавление“ сопственикот на фирмата „Агрија“ Перо Колевски.
– Му честитаме на момчето Димитар и му подарувам од срце еден телевизор, рече Колевски.
Потоа Чоков доби уште еден телевизор од компанијата „Зегин“ и уште неколку подароци доби од компанија „Павор“, крзнарата „Димко Митрев“, винарија „Изворно“ како и од „Ноне етно“ , од автомеханичарот Виктор и други донатори./У.Ј