Три години затвор, поради црвените гаќи над прозорот на претседателот
Чешката полиција ги обвинила уметниците од алтернативната група „Зтоховен“ за нарушување на јавен ред и мир, за кражба и уништување на туѓи работи, поради тоа што на 19 септември 2015 година, над канцеларијата на чешкиот претседател Милош Земан во дворецот Хрдчани во Прага, од јарболот го тргнале претседателскиот бајрак и наместо него закачиле огромни црвени гаќи.
Уметничката порака Чесите да се срамат од својот претседател во вид на црвени старински гаќи кои 45 минути се виореле над прозорецот на Земан, може да ги чини уметниците и три години затвор ако судот ги прифати доказите од обновената кривична истрага, пренесува весникот „Право“.
Тројца уметници од познатата, контроверзна група се маскирале во оџачари, незабележливо се качиле на покривот, го украле претседателскиот бајрак и на јарболот на половина копје закачиле големи црвени гаќи.
Овој инцидент првично требало да се решава по скратена постапка, но судовите го вратиле случајот во полиција и побарале темелна истрага, зачудени како уметниците со својот перформанс можеле да направат штета на замокот од речиси 3.500 евра.
Премиерот Бохуслав Соботка не ја осудил акцијата на уметниците, туку ја означил како мала сурова шега и порачал дека Чешка која на светот му го дала фиктивниот лик на Јара Цимарман и неговиот апсурден хумор, „сигурно може да издржи и едни џиновски гаќи кои се виорат над Хрдчани“.
На удар на критиките од канцеларијата на претседателот Земан се нашле и министерот за одбрана и министерот за внатрешни работи, бидејќи наместо вицкасти уметници и оџачари на покривот можеле да се качат многу лесно и терористи, и поради тоа обезбедувањето на претседателот од 200 луѓе ќе биде зголемено на 40 дополнителни телохранители.
Извор: Плусинфо.мк