Велес имал свој Пикасо
Велес како град постојано бил расадник на уметници, сликари, копаничари, уметници и фотографи и имал сенс да ги препознава и поддржува уметничките вредности како и уметниците кои се родиле или твореле во него. Ова е приказна за еден сликар, фотограф, копаничар и фрескоживотописец, кој оставил трага не само во велешката туку и на македонската уметничка сцена и е дел од вистинската националната историја.
Ѓорѓи Зографски, велешкиот Пикасо, е роден во село Папрадиште, во околината на Велес. Неговиот татко Јаков бил мајстор-градител, копаничар и живописец од кого синот доста научил. Основно училиште завршил во Велес, а потоа со помош на рускиот конзул Иван Јастребов , како талентиран ученик, во 1887 година десет месеци учел сликарство во Москва и во Петроград.
Зографски е следбеник на делото на Димитар Андонов Папрадишки , роден во 1859 и починат во 1954 година, со кој започнал нов период во развојот на ликовната уметност во Македонија. Тој се движел низ Македонија, Русија, Бугарија и Србија, но останал верен на традицијата на зографскиот род Рензовци , кој потекнува а потоа и се развива од прочуениот зограф Дамјан Јанкулов кој се родил во 1770 и живеел до 1830 година.
Од времето кога престојувал во Русија нема никакви податоци, ниту познати дела.
Портретот на Димче Лефков
Ѓорѓи Зографски работел и иконостаси , икони и фрески, но во македонското ликовно творештво се значајни неговите портрети на личности од Велес и пошироко. Меѓу првите насликани портрети на Ѓорѓи Зографски е портретот на Димче Левков , цртан од фотографија. На лицето на овој човек лебди блага насмевка. Левков од обичен мануелен грнчарски работник станал раководител на грнчарска мануфактура во Велес,позната како Фабриката „Вила Зора“ на Левков со синовите. Оваа слика е создадена во 1921 година, со димензии на платното од 95,7 х 58,3 см и ја поседува Благој Лефков кој живее во Скопје.
Една година подоцна Зографски го насликал познатиот велешки трговец и мецена , Димко Чокала .Овој портрет има димензии од 145,8 х 88,7 см и е во сопственост на велешкатаа Гимназијата „Кочо Рацин“.
Портретот на Димитрија Аџи Манче Данов
Две години подоцна ,во 1924 година, Ѓорѓи Зографски го насликал и познатиот велешки мајстор, кујунџија Димитрија Аџи Манче Данов, познат во градот како Манче кујунџијата, чиј дуќан се наоѓал под Градскиот саат. Делото, како делумно оштетено и денес се наоѓа во кујунџискиот дуќан под саатот на неговиот пра-внук Стефанчо Манчев, кој е последниот наследник на кујунџискиот занает на своите дедовци.
Една а можеби и две години подоцна Зографски го нацртал и портретот на Димче Јовев, познат земјопоседник и црковен добротвор во Велес, како седи на стол во природна големина. Врз основа на истражувањето на Виолета Јовева , мажена Богевска која инаку е внука на Диме Јовев, портретот бил создаден во периодот кога дедо и Диме имал 70 години. Тој починал 1943 г. На портретот Јовев е насликан помлад , а веројатно е сликан од фотографија на која се наоѓаат повеќе познати велешани, меѓу кои и таткото на Перо Коробар. Димензијата на портретот изнесува 60 на 47,5 см.
Меѓу познатите дела на Зографски се уште и портретите на Јован Хаџи Панзов, татко на Ганчо Хаџи Панзов ,шпански борец и поет. Портретот е однесен во Софија од каде во 1983 година е вратен во куќата на Хаџи Панзови во Скопје.
Женски портрет насликан од Зографски
Прецизната уметничка рака на мајсторот портрертист ги создала и портрети на на Ристо Копанданов, пота на игуменот Спиридон и на Сава Мицајкова. Зоографски овие три портрети ги насликал во период од 1931 до 1940 година.
Папрадишко велешките црковни градители и зографи
Како позначајно дело на овој велешанец се вбројува и сликата на Папрадишко велешките црковни градители и зографи од периодот помеѓу 1941и 1942 година. Ова дело од среден формат содржи 14 портрети во форма на медаљони и бисти на градители, зографи и копаничари од Рензовско – Зографскиот род со потекло од селото Папрадиште што порано се наоѓало во велешко додека сега е населено место во Општина Чашка. На лентите се испишани имињата на најстарите и најславните представници на родот. Во 1942 година Зографски направил и зголемена реплика на ова слика со барокни рељефни орнаменти.
Неговата уметничка рака, исто така, во 1942 година го создава и портретот на Петре Здравев, насликан „по желба на игуменот Алексиј“, од манастирот „Свети Димитрија“ во Велес како подарок на кафанскиот еснаф во градот.
Ѓорги Зографски со семејството
Според сознанијата Зографски во својот работен век насликал 48 портрети на познати велешани, поединечни и групни, што го сврстува во редот на многу плодни македонски портретисти. Интересен е начинот на кој ги изработувал портретите. Бидејќи бил и фотограф, тоj прво ги фотографирал своите модели па потоа од фотографиите ги цртал ликовите ,настојувајќи да постигне фотографска сличност со ликот кој го сликал. Најчесто успевал многу реално да го пренесе ликот од фотографијата на платното.
Љупчо Данов