И Туск утре доаѓа во Скопје
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, утре попладне доаѓа во Скопје на средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, посветена на бегалската криза, предизвиците и проблемите што таа ги наметнува, како и придонесот на Македонија во справувањето со неа.
Посетата е дел од мини – турнејата на Туск, во чии рамки од денеска до 3 март тој ќе ги посети Виена, Љубљана, Загреб, Скопје и Атина, со цел да се продолжи со градење на европски консензус за справување со мигрантската криза.
Посетата на Туск на земјите низ кои се протега западнобалканската мигранстка рута е во контекст на неодамнешната одлука на Самитот на Европскиот совет да се врати ситуацијата кога сите членки на Шенген зоната „целосно ќе го применуваат Шенгенскиот граничен кодекс и ќе одбијат влез на надворешните граници на државјани на трети земји што не ги исполнуваат условите за влез или кои не доставиле барање за азил и покрај тоа што имаа можност да го сторат тоа“.
„За реставрацијата на целосното функционирање на Шенген зоната ќе биде потребно време и тоа мора да биде придружено од мерки за решавање на хуманитарните последици за земјите-членки што се погодени, како со хуманитарна помош за сириските бегалци и за земјите од соседна Сирија“, се наведува во соопштението на Европскиот совет по повод посетата на Туск на земјите од Западен Балкан.
Од кабинетот на Доналд Туск соопштија дека челникот на Европскиот совет исто така ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Легери и тоа во петок во Брисел.