По трагите на најстарата црква „Свети Архангел“ во Велес
Од постоечките записи уште пред доаѓањето на Турците во овие краишта, при крајот на 14 век, се знае дека на Велешко Кале и Стар Велес постоеле многубројни цркви. Се споменува бројката од 24 цркви и параклиси. Иако доволно неистражен за овој простор се зборува дека постоел богат духовен живот уште пред христијанството. До пишани податоци се доаѓа многу тешко. Сепак некои сознанија упатуваат дека локацијата на која се наоѓа денешната велешка црква „Св.Спас“ отсекогаш претставувала место на кое се одржувале одредени пагански обичаи за подоцна да прерасне во некаков вид на опсерваторија, слична на Кокино, само што набљудувани и бележени биле определени вселенски случувања , поврзани со околните ридови како Свети Илија, Голик, Крајник и Вршник. Ова мисла бара поширока опсервација.
Она што е познато е дека со доаѓањето на Римјаните во велешко местото било забележано како простор на кој староседелците извршувале некои свети обреди.
Римјаните пред христијанството го користеле дрвениот мост на реката Вардар за преминување од едниот на другиот дел во градот. Тие Вардар ја нарекувале Axios, според грчкиот назив што значи река на мртвите. Најверојатно поради фактот што тие своите упокоени војници и војсководачи тогаш ги палеле на клада па можно е токму поради изведувањето на тие обреди, местото да биде посочувано како локација за верски обреди. Потоа дел од пепелта ја фрлале од мостот во водите на реката Вардар, а дел ја чувле во посебни садови – урни.
Доаѓањето на христијанството сигурно предизвикало драматични потреси, а кога тоа станало духовна религија на римското царство, ова култно место ја сменило својата содржина.
Според сознанијата, во тоа време најголемата велешката црква се викала „Свети Архангел“. Верскиот храм за прв пат се споменува во 1347/48 година во грамотата со која српскиот цар Стефан Душан ја поклонува на Призренскиот манастир „Свети Архангели“. Тоа значи дека е направена барем десетина години пред забележаните години. Објавените податоци на србскиот историчар С. Новаковиќ во „Историски часопис VIII“ од 1958 година на страна 238 објаснуваат дека претходен сопственик на црквата бил локалниот феудалец Раденко. Тој ја подарил на царот Стефан Душан, а царот пак на манастирот „Свети Архангели“ во Призрен со согласност на неговата мајка и заедно со луѓето, водениците и лозјата, како и целата. Записот датира од четириесетите години на 14 век.
Во пописите и дефтерите на Велешката нахија, црквата се споменува во првиот, некомплетен и во вториот попис на Велес во 1445 година кога субашија на Велес бил Шејх бег односно во вториот во 1467/48 година, кога субашија бил Сулејман бег додека таа воопшто не е спомната во третиот попис во 1544/45 година кога субашија бил Хизир бег. Никој не знае ,ниту запишал што се случило со оваа црква.
Истражувајќи подетално за неа, од времето на средновековниот Стар Град над реката Тополка што Турците го завзеле околу 1398 година, не дојдов до податоци дека таму постоело здание или локација што одговараат на претходно напишаните податоци , ниту има основа за сомнежи за некоја локација. Неа ја нема ниту во археолошките наоди. Единствените податоци се поврзани со објавените за нејзиниот феудален господар Раденко и од страна на М. Пурковиќ кој ја спомнува без поконкретни податоци за местоположбата. Иако некои историчари и истражувачи ова црква ја поистоветуваат со манастирската црква „Света Богородица“ во манастирот „Свети Димитрија“ сепак, мора да се констатира дека ни по големината ниту по местоположбата тоа не одговара на црквата „Свети Архангел“.
Постојат други два документи, во вид на бујурулдии поточно наредби, првиот од 21 ноември 1714 година и вториот од од 25 март 1726 година, во кои пишува дека се одбива барањето на велешани и се забранува поправка или градба на нови црковни објекти во градот. Додека во 1839 година, со стапување на сила на Гилханскиот хатишериф, се дозволува поправка и градба на нови цркви, како и училишта за немуслиманските поданици на Османлиската држава само со дозвола од Султанот. Ова право го искористиле велешани кои 1837 година собрале 36.000 лири за обнова на црквата „Свети Спас“.
Браќата Шулеви, поточно Петре и Јован се сметаат за најголеми ктитори за обнова на црквата.
Од сегашна гледна точка, локацијата на најстарата велешка црква „Свети Архангел“ се поистоветува со постоечката црква „Свети Спас“ за која е познато дека е изградена на темелите на постара црква за која не постојат податоци. При реконструкција, иако се најдени длабоки темели и ѕидови на постаро здание не е испочитувано правилото за конзервација и дополнително истражување на откриените артефакти, туку врз нив е директно изграден подот на постоечката црква. Така е спречено детално истражување и проследување на факти кои би откриле точни податоци. Од оние кои постојат и можат да послужаткако докази ги издвојувам двете икони „Свети Ное“ од 1817 година и „Свети Петар и Павле“ од 1819 година, кои се постари од 1837 година кога е изведена доградбата на најстарата црква „Свети Спас“ во Велес.
Овие две икони во моментов се наоѓаат во соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ во Велес.
Љупчо Данов