Повардарие најави исплата на долгот кон лозарите до 15 јуни
Неготинската винарска визба „Повардарие“ која им должи на лозарите за грозјето предадено во 2015 и 2016 година превземала обврска долгот да го исплати најдоцна до 15 јуни годинава. Оваа информација денеска ја потврди генералниот директор на „Вино жупа“ и претседател на управен одбор на „Повардарие“ Раде Јевтовиќ.
“Дојдовме до договор, кој треба да биде и реален овој пат, а тоа е дека до 15 јуни конечно ќе ја завршиме исплатата на грозје за 2016 година. Се договоривме да се отвори наменска сметка на која ќе легнат субвенциите, бидејќи сметките на Повардарие се блокирани и од таа сметка под контрола на инспекторатот и претставниците на лозарите тие средства наменски ќе се распределуваат, односно ќе се искористат да се исплатат сите години пред 2016, а најголем дел од долгот е од 2015 година“ рече во изјава за регионалната КТВ, генералниот директор на „Повардарие“ Јевтовиќ.
Тој најави дека „Повардарие“ се подготвува за откуп на грозје и годинава и се надева дека по исплатата на долгот ќе добијат лиценца за откуп. Исто така најави и проширување на производната програма на компанијата. Планираат во иднина да произведуваат и овошно пире за производство на сокови.
„Апелирам до лозарите да не наседнуваат на манипулации од адвокатите дека ќе им застар долгот. Ќе потпишеме изјава со името на секој лозар со која се обезбедува дека нема да има застареност на долгот“ рече Јевтовиќ
Претседателот на регионалното здружение „Напредни лозари“, Трајче Кулев нагласи дека се прават напори да се обезбеди исплата на долгот кон лозарите и од винарија „Стефани – Петра“./А.Д