Во Франција ќе се донесе закон против мобилните телефони во училиштата
Децата зависни од телефони во Франција ќе мора да одат во училиште без нив врз основа на закон, кој Министерот за образование го нарече „мерка за одвикнување“.
Партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Република во движење“ се надева дека законот ќе биде изгласан пред почетокот на новата учебна година, во септември.
Над 90 отсто од децата постари од 12 години веќе имаат мобилен телефон во Франција, пренесе Ројтерс.
„Мобилните телефони се технолошка предност, но не можат да го монополизираат нашиот живот“, изјави министерот за образование Жан Мижел Бланке.
„Не може да го пронајдете својот пат во светот на технологијата ако не умеете да читате, да пишувате, да броите, да ги почитувате другите и да работите како тим“, додава тој.
Владеачката партија поднесе амандман врз основа на кој без телефони треба да бидат и професорите, на што Министерот за одбрана реагираше дека тоа не е неопходно.
Од учителскиот синдикат „UNSA“ велат дека тоа е навреда за возрасниот персонал и дека претставува безбедносен ризик.
Оние кои го поддржуваат законот велат дека користењето паметни телефони меѓу децата го зголемува сајбер малтретирањето, го олеснува пристапот до порнографија и им пречи на младите да се интегрираат во општеството.