Академскиот сликар Петров: „Ликот на Рацин е благородна душа“
Ако пред неполн месец кога одбележувајќи го шест деценискиот творечки живот ни рече :„Ја барам светлината, што претставува живот. Kако кога се раѓа дете. Нов живот-светлина“ академскиот сликар Ангел Петров на отворањето на неговата изложба „Портретите на Рацин“ , што е дел од програмата на 55 Рацинови го откри своето неуморно трагање по одразот на поетовото око, што ќе го долови моментот на инспирација ,недофатливиот миг кога се раѓа стихот.
– Ми беше голема инспирација неговиот лик, израз. Неговиот лик е душа благородна. Во очите сокриена тајна. Тој е најголемиот поет на сите времиња. Едноставно генијален човек, сестран,рече Петров.
Делата што академскиот сликар Ангел Петров ги создаде инспириран од ликот на Рацин, синоќа, за прв пат беа изложени на едно место,во фоајето на велешки театар „Јордан Хаци Константинов Џинот“.
Ова е само мал дел од творечкиот опус на академскиот сликар Ангел Петров кој наспроти сите поетски и уметнички есенции, што изложбата ги носи со себе ,таа е пред се и над се, рефлексија на повеќе децениско уметничко патешествие притоа креирајќи сопствена, интимна историја, на еден дијалог помеѓу поетското перо и уметничката четка, рече на отворањето на изложбата директорката на Народен Музеј на Велес, др Анита Василковска Мидовска.
– Дијалог помеѓу ликот и делото на Коста Солев Рацин и уметничкиот сензибилтет на Ангел Петров. Низ илјадниците слики кои ја имаат истата тематика и кои пред нас го овековечуваат ликот на Рацин постои еден халидоскопски, безграничен пејсаж, во кој се преплетуваат внатрешните немири, пориви, настани и премрежја низ кој поминувал нашиот поет а кој низ прангите на историскиот залог , толку величествен и толку мистичен, ги проткајува во својот личен уметнички сенс и ракопис авторот на овие слики, рече Василковска Мидовска.
Таа додаде дека експресионистите во своите дела го бркаа сонцето и ги откриваа нијансите на светлината и темнината, пред себе поставувајќи еден ист мотив, а во сликите на Петров е прикажана потрагата по едно време, по еден лик, пасија и по една душа што ги испиша страниците на македонската историја како сведоштво за иднината преку ликот од минатото доживеана во сегашноста.
– Во оваа експлозија на реалистичност се појавува еден уметнички и човечки поттсекст, исполнет со плејада на чувства како пркос, немир, чемер, гордост и борбеност. Оваа бура од емоции може многу лесно да се забележи затоа што животното дело на Коста Солев Рацин во себе ги има вткаено сите овие чувства независно дали говориме за Рацин поетот, Рацин револуционерот, Рацин идеологот, Рацин борецот за работнички и човекови права, Рациниот Рацин, рече Василковска Мидовска.
Изложбата на осумдесет годишниот академски сликар Петров, кој сеуште твори можат да ја посетат сите негови сограѓани како и љубители на ликовната уметност. /У.Ј