Училишните деца редовно примаат вакцина велат од службата за имунизација во Велес
Редовно и без проблеми се одвива вакцинацијата на децата коишто одат во училиште и се на возраст од шест до 18 години во ЈЗУ Здравствен Дом Велес. Тие според календарот за имунизација редовно ги примаат вакцините МПВ, ХПВ и тетраксим. Во моментов во јавната здравствена установа се ревакцинираат ученици на 14 годишна возраст со вакцини за дифтерија, тетанус и детска парализа.
-Во тек е вакцинацијата, медицински речено „ревакцис“, за ученици од 14 години. Исто така, завршивме и со вакцинацијата со прва доза „тетраксим“ којашто ја примаат учениците од второ одделение односно којшто се на седум годишна возраст, за дифтерија, тетанус, детска парализа и црна или народно кажана магарешка кашлица, рече д-р Пандели Божиков, спедијалист по училишна медицина, началник на Службата за имунизација во Здравствен Дом Велес.
Тој додаде дека во текот на летниот период успешно се реализирала и вакцинацијата кај дечињата од шест годишна возраст кои оваа есен го започнаа своето основно образование. Од службата за имунизација велат дека голем број на првачиња ја примиле вакцината МРП против сите морбили или сипаници, заушки како и рубеола.
-Покрај овие вакцини, претходниот период вакциниравме и со прва доза ХПВ којашто ја примаат женски деца на 12 годишна возраст. Оваа вакцина има и втора доза којашто се аплицира шест месециподоцна, додаде д-р Божиков.
Процесот на имунизација го извршуваат двајца лекари и четири медицински сестри од ЈЗУ Здравствен дом Велес . Исто така,Т ие се распоредени во тимови коишто работат во амбуланта но и реализираат теренски вакцинации и ревакцинации како во градот така и во населените места општините Велес, Чашка и Градско. Исто така, според податоците на оваа служба за имунизација околу 12.000 деца коишто посетуваат настава и се на возраст од шест до 18 години, во трите општини, редовно се опфатени во процес на имунизација согласно календарот на Министерство за здравство.
Стефани Манева