Референдумското гласаање во дијаспората само онаму каде што има пријавено над 10 гласачи
Неизвесно е дали ќе се гласа во Атина, Букурешт, Будимпешта, Варшава, Истанбул, Каиро, Мадрид, Москва, Њу Делхи, Пекинг, Отава, Подгорица, Приштина, Тирана , Токио и Доха, каде засега нема доволен број на пријави.
Во кои 50-те ДКП на земјава во странство ќе се гласа ќе се знае до 23 август на полноќ, кога истекува рокот за пријавување од дијаспората. Во дипломатските конзуларни претставништва веќе комплетирани избирачките одбори.
Ќе бројат по тројца членови и тројца заменици и ќе имаат мандат само за гласањето на референдумот, беше одлучено на денешната седница на ДИК, која демонстративно ја напушти Енвер Салихи од БЕСА, бидејќи како што рече, не бил навремено информиран за нејзиното одржување.
Гласањето во дијаспората ќе се спроведе еден ден пред гласањето во земјава, на 29 септември. Иселениците кои се пријавиле за гласање во ДКП-та доколку допатуваат во Македонија на денот на референдумот нема да можат да гласаат во земјава. Досега пријавени се без малку 1500 иселеници.
Паралелно со Увидот во избирачкиот список и пријавувањето на гласачите од дијаспората течат и подготовките за референдумска кампања. Целосната сума со која ќе се води пропаганда се очекува в среда да ја соопшти Владата. Засега познато е само дека Министерството за одбрана ќе издвои 60 милиони денари за кампања.
Додека останатите министерства се уште ги прават пресметките, средства од Владата за јавна пропаганда побараа од Кризниот штаб против референдумот. Ја бараат истата сума на средства што ќе биде издвоена за владина кампања.
Референдумска кампања веќе се одвива на социјалните мрежи. Премиерот Заев преку фејсбук информира за придобивките од влегувањето на земјава во ЕУ.
Со влегувањето на Република Македонија во ЕУ ќе имаме повисок животен стандард. Со влегувањето во ЕУ се приклучуваме на пазарот од 500 милиони потрошувачи. Ќе имаме зголемен извоз и економски раст, напиша премиерот Заев на својот ФБ профил.
На социјалните мрежи се повеќе се интензивираа и кампањата на иницијативата „Бојкотирам“, каде најчестите пораки се дека името е свето и не треба да се менува.
Извор: Канал5