Хигиенски услови во здравствени установи, спортски проблеми, педофилија, судење во разумен рок само дел од ученичките теми за подготовка на вести во проектот „Читај и меѓу редови“ во Велес
Направија разлика што е лажна а што е вистинска вест кога насловот го споредија со фактите во текстот но, само оние кои ги содржеа одговорите на петте прашања: кој, што, кога, каде и зошто? Особено обрнуваа внимание дали под текстовите што ги анализираа стои потпис на автор и кои биле неговите изворите во примерите што им беа дадени на учениците од „Гимназија Кочо Рацин“ во Велес на првата едукативна работилница на проектот „Читај и меѓу редови“ на Фондација Фокус .
Матеа Несторова и Елена Ристовска, учеснички во проектот
– Се обидувам да не бидам повеќе од еден час на интернет. Но, во овој периот по Средношколскиот медиумски форум и денешната прва едукативна работилница доста пребарував. Така дојдов до сознание дека најмногу лажни вести се пишуваат за политичарите, потоа следат останатите јавни личности. Сметам дека токму текстовите кои имаат за цел да привлечат најголемо внимание, на што поголем број на луѓе , вклучувајќи не и нас средношколците, се всушност лажни вести, рече ученичката Матеа Несторова.
-Политичари, пејачи и спортисти се најбројни во лажните вести на листата што јас ја направив во изминатите седум дена. И најчесто нас не поттикнуваат да ги отвориме овие вести преку насловот. Фотографијата што беше објавена не одговараше со новинарскиот текст, таа беше симнета од гугл. Во овој проект сум затоа што сакам да учествувам во процесот на создавање на точни вести и се надевам дека мојата идна провесија можеби ќе биде токму новинарството, рече ученичката Елена Ристовска.
Учесниците во Првата едукативна работилница
Оваа група на средношколци од втора година покажа дека умее да размислува критички исто и кога ги предлагаше темите на кои сака да работи при подготовката на осумте новинарски текстови. Тие многу сериозно ја сватиле улогата на граѓански новинари, без разлика што се релативно млади, бидејќи предлагаа теми што се од поширок интерес на локалната заедница.
Марко Ингилизов, учесник во проектот
-Финансирањето на спортските клубови беше темата што јас ја предложив. Порано општината спонзорираше повеќе градски спортски клубови што сега не е така. Сметам дека треба да истражиме кои се причините и како да се подобри состојбата. Преку спортувањето младите да ги согледаат вистинските вредности за развој, да го унапредат своето знаење и да се социјализираат, рече Марко Ингилизов.
Токму зајакната свест на учениците преку едукација за медиумската умешност и градење на критички став се целите на проектот „Читај и меѓу редови“ на Фондација Фокус, рече проектниот координатор Даниела Саздова.
Даниела Саздова, проектен координатор
-Темите што ги предложија учениците од велешката Гимназија на првата едукативна работилница се од суштествено значење и за нив како млади но и за пошироката локална заедница. Тие се однесуваа на хигиенските услови во здравствените установи, односите медицински работници – пациенти, проблемите во спортот, па дури и на судење во разумен рок, носење на притвореници на судење, долготрајноста на судските постапки, педофилија, со што оставаат впечаток дека размислуваат за опсностите што ги демнеат. Преку темата за изгледот на учениците, додека се на настава преку гардеробата која ја носат, укажаа дека училиштата треба да имаат некаков кодекс на облекување, рече Саздова.
Ако вака продолжиме, со континуирана работа, тогаш ќе може да се зборува за медиумски писмена млада генерација, констатира експертот Саше Димовски.
Саше Димовски, новинар – експерт
-Станува збор за средношколци кои веќе утре ќе бидат академски граѓани и на кои можеме да очекуваме да се заснова критичкото мислење во општеството. Апелирам министерството да размисли, вклучувајќи ги и општините, за воведување на предмет Медиумска писменост како посебен или како дел од предмет што се изучува во гимназиското образование затоа што интересот на учениците и времето поминато во овој проект покажуваат дека треба да се разбуди креативноста кај нив за да и се помогне на оваа генерација бидејќи потоа е веќе доцна да зборуваме за медиумски писмени граѓани со критичко мислење. По ова што го гледам средношколците се најекспонираната група и сметам дека со нив ќе можеме да постигнеме видливи резултати во краток рок, рече Димовски.
Фондација „Фокус“ проектот „Читај и меѓу редови“ го реализира во велешката и во кавадаречката Гимназија „Добри Даскалов“ како дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, на Метаморфозис и Евротинк поддржан од Европската Унија. Во проектот медиумски партнер е регионалната Телевизија КТВ од Кавадарци и медиумски поддржувач регионалниот веб портал Дума.мк од Велес каде ќе бидат објавени средношколските вести./У.Ј