Велес сериозно соочен со опасноста бездомни животни да ги „окупираат“ градските улици
На велешките улици има над 300 бездомни кучиња и покрај тоа што на плацот на Здружението на граѓани „Гласот на животните“ , пред поранешната Топилница за олово и цинк, се згрижени 248 кастрирани и стабилизирани. таму има згрижени и 11 мачки. Во решавањето на овој сериозен проблем на граѓаните на Велес е вклучен и стационар „Гиовски тим“, отворен во месец март, годинава, во село Војница, кој во изминатите девет месеци ги заловува и третира кучињата но потоа ги враќа на улица. Во стационарот се згрижуваат и третираат бездомните животни штом се преполнат боксовите и домот на велешанецот Виктор Мазнев. Кај него сега се згрижени вкупно 30 бездомни кучиња.
– Она што засега единствено е постигнато е само намалениот број на каснувања на граѓани. Во последните 2 месеци не е евидентиран ниту еден случај наспроти 36 нападнати и каснати велешани во претходните шест месеци. Овие граѓани ја тужеа Општина Велес и дел од нив наплатија отштета, рече Ристе Гиовски.
Ако од „Гласот на животните“ за згрижените кучиња на нивниот плац сами се обидуваат да обезбедат пари за потребите од храна, ветеринарни услуги и патни трошоци кои месечно изнесуваат и до 400 илјади денари, Општина Велес, му плаќа на стационарот „Гиовски тим“ за услугите претежно за ветеринарни прегледи, лекувања и третирањата како што се кастрирање, инјекции против болви и други болести.
Моника Петковска од „Гласот на животните“ вели дека исклучиво средства обезбедуваат од донации, од странство и по 1.000 денари месечно од велешани, за да можат да се справат со потребите од хуман третман на згрижените животни. Тоа во последно време им оди тешко па затоа ако во наредните месеци не успеат да обезбедат ,проширување на плацот и доволно пари, ќе бидат приморани да ги пуштат згрижените кучиња и мачки на градските улици.
Тоа ќе значи дека во Велес на улица ќе има најмалку 600 бездомни кучиња.
Кога парите се во прашање од стационарот „Гиовски тим“, исто така сметаат дека финансирањето е најсериозен проблем за решение на состојбата во општината. Тие извршиле 120 услуги за потребите на градската власт, заловување и третирање, но и нивниот плац засега располага само со 50 боксови и скромна површина.
За споредба општини во државите на поранешна Југославија располагаат со буџети за решавање на истиот проблем кои се најмалку пет пати поголеми од издвоените средства од страна на Општина Велес. Пример се општини од соседна Србија и тоа само за третман на бездомни кучиња и мачки. Платите на вработените се посебно пресметани и со нив вкупно сумата на предвидени сретства изнесува седум до десет пати повеќе од македонските.
Се дури општините во Македонија не се раздолжат од наследените долгови не можат да планираат средства за изградба на стационари, за храна, за третман и за постојано ангажирани работници во нив, велат дел од градоначалниците во Вардарски регион.
Според сопственикот на стационарот „Гиовски тим“ на вака лошата состојба искра надеж дава хуманоста на десетте граѓаните на Велес и 15 од Англија кои во 2018 година веќе вдомиле бездомни кучиња. Мал, но значаен е придонесот на граѓаните, смета и Моника Петковска која потврдува дека и кај нив има одзив за вдомување но исклучиво од граѓани кои живеат надвор од границите на Република Македонија.
Од друга страна пак Гиовски, Петковска и Мазнев се песимисти дека состојбата со бездомните животни во Велес може брзо да се промени поради информации дека многу често со комбиња кои имаат кумановски регистерски таблички во градот се носи дополнителено голем број на кучиња. Тоа се случувало и со возила кои доаѓале од градови од источна Македонија.
Мора да се подигнува јавната свест кај граѓаните за да не ги оставаат домашните љубимци на улица, да се кастрираат и соодветно да се третираат се решенијата што ги предлагаат Гиовски, Мазнев и Петковска.
Во услови кога полицијата вели дека нема дојава за носење на бездомни животни од други градови а државата не нуди решенија за справување со проблемот Велес е сериозно соочен со проблем градските улици да ги запоседнат нечии поранешни домашни љубимци.
Убавка Јаневска