Почина српскиот актерот Драган Николиќ
Легендарниот српски актер Драган Николиќ почина утрово во Белград, по долга и тешка болест, во 72-рата година од животот.
Доајенот на српското актерство е роден на 20 август 1943 година во Белград. По завршувањето на основното училиште се запишал во Четиринаесeтта белградска гимназија, која не ја завршил, бидејќи бил преместен во Економското училиште.
По две години поминати во средното училиште полагал и го положил приемниот испит на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, и тогаш, како 17-годишник, бил најмлад студент. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Филмската кариера ја започнал со помала улога во филмот „Вистинска состојба на работите“, тогаш потпишан по крстено име Драгослав Николиќ. Заслугите за измената на прекарот на местото на името се должат на грешката на крајот од телевизиската серија „Доволно е да се молчи“ од 1965 година кога наместо името му бил ставен прекарот кој ќе ја одбележи неговата кариера.
Можеби Драган Николиќ најзапаметен ќе остане како половината од популарниот тандем Прле и Тихи (Воја Брајовиќ) во серијата „Отпишаните“ – младите илегалци-скоевци кои организираа акции против фашистите во окупираниот Белград за време на Втората светска војна. Во „Отпишаните“ Николиќ го толкуваше Прле во 26 епизоди.
Последен пат пред камерите се појави минатата година во „Монтевидео, се гледаме“, толкувајќи го претседателот на ФИФА Жил Риме.
Како постојан член на ансамблот на Театарот Атеље 212, во кој бил од 1969 година, остварил многу улоги и многу успешна театарска кариера.
Во 50 години долгата кариера Драган Николиќ оствари околу 180 улоги на филм и телевизија, а најмногу му „лежеа“ ликовите на мангупи-шмекери. Добитник е на сите значајна филмски награди вклучувајќи ја и Наградата за животно дело „Павле Вујисиќ“.
Со својата единствена актерска игра, привидно без напори, со голема сугестивност и неповторлив шарм вдахна живот во култните антихерои меѓу кои се Џими Барка, легендарниот Флојд, неодоливо симпатичниот Прле, шармерот Попај, дивиот Влах-Алија, градскиот витез Урке…
Драган Николиќ беше опериран во февруари 2015 година на Клиниката за дигестивни болести на Клиничкиот центар. Во мај неговата состојба се влоши и е примен во Клиничкиот центар во тешка состојба, но лекарите успеаја да му го спасат животот. Оттогаш, со мали прекини, беше на постајно болничко лекување.
Неговата сопруга Милена Дравиќ низ солзи рекла дека Драган ја изгубил долгата тешка битка со болеста. Драган и Милена беа во брак 45 години. Се запознале во 1972 година кога заедно ја воделе шоу-програмта „Образ до Образ“ и на една пауза од снимањето, на 31 декември, отишле во општината да се венчаат. Милена до последниот ден беше покрај сопругот и се грижеше за него