Се запалија и гореа Бадниковите огнови во Велес
Студот и минусните температури, што ноќва, сабота 5 јануари спроти недела 6 јануари, го зафатија Велес се причина за помал број на коледарски огнови на отворено во споредба со оние во затворен простор во градот. Велешани ги отворија гаражите, работилниците, приземните простории за да ја продолжат традиција која налага возрасните да ги наредат дрвата и го запалат огнот додека наоколу трчаат децата. И токму последниве се чини дека беа највесели коледари вечерва додека со нетрпение ги очекуваа топлите коледарски колачиња.
Нив ги месат и печат сите домаќинки, баби и мајки, почитувачи на традиционалното одбележување на Коледе. Штом колачињата се стават во рерна тогаш започнува подготвката на салатите од кисела зелка и вадењето на туршијата која во чинии се изнесува од домовите и се носи на трпезата покрај Коледето. Мажите ја згреаја ракијата. Седнати околу коледарскиот оган, браќа, соседи и пријатели со чашка во рака ги пеат коледарските песни. И само во Велес тие се еротски или како што велешани ги нарекуваат „мрсни песни“. И сите имаат ист крај: „Ооо Коледе“.
Најголемо коледе и годинава се запали и најмногу велешани се собраа на плацот на фирмата „Пескара Вел“. Таму, освен музичка група и пејачи, својата најнова книга со илустрирани еротски и коледарски афоризми „Преку на Мара гајтанот“ ја промовираше афористичарот Димитар Вилазорски.
Дворовчани, кои се најблиску до брегот на река Вардар, годинава ја користеа ковачката работилница на својот другар и сосед за палење на бадниковиот оган.
Малското соседско коледе на улицата „Титовоужичка“ мина со музика што ја свиреа трубачи.
Коледе беше запалено и на терасата на ноќниот клуб „Тарантино“.
Весело беше и на сред село во велешко Караслари каде чукаше тапан и свиреа зурли.
И триесет минути по полноќ, свети светло во голем број на домови во градот. Се чини дека и овие Велешани коледуваат во домашна атмосвера.
И додека родителите останаа покрај коледето длабоко во ноќта, а некои планираат да го дочекаат и утрото, децата одамна си легнаа затоа што нивно е бадникарското утро во кое со коледашките во раце и торбичињата преку рамена ќе тргнат во посета на домовите на велешани. Ќе им запеат коледарски мрсни песни а тие ќе ги даруваат со колачиња, ореви, бадеми, костени.
Малите коледарчиња ја имаат задачата да го најават Рождеството Христово во Велес/У.Ј.