Фондација Фокус ја промовираше Анализата и и ги соопшти препораките на Општина Велес за транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола
Општина Велес мора да донесе нов ГУП и да изработи ДУП-ви, особено откако, со Законот за легализација во градот се легализирани 6.100 од вкупно 10. 123 дивоградби. Изработка на Стратегија за развој на Велес во наредниот период со краткорочни, среднорочни и долгорочни планови, што ќе ги утврди развојните компоненти на градот во сите области за наредните 30 години како што се: демографски раст, зони за домување и индустриски, сообраќај и инфраструктура, утврдување на зони за проширување на Генералниот урбанистички план со откуп на земјиште, изработка на планска документација и изградба на инфраструктура откако претходно ќе се анализара колку ќе чини таа инвестиција на Општина Велес за да се обезбедат потребните средства и извори на финансирање, се само дел од препораките што произлегоа од реализацијата на шест месечниот проект „Транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола“ спроведувана од Фондација за локален развој и демократија Фокус од Велес.
По работата во четири фокус групи, во кои учествуваа граѓани, изведувачи и надзори на градежни објекти, администрацијата на општината, проектанти и урбанисти како и членовите на Комисијата за Урбанизам на Советот на општината, тимот на Фондација Фокус составен од Димче Велев, Убавка Јаневска и Даниела Саздова заедно со експертот по градежни работи Костадин Настевски и новинарот Стоилко Андреевски, поточно 30 официјално вклучени лица и консултирани близу сто граѓани подготвија публикација која содржи вовед, јавно мислење, анализа и препораки. Изработена е и истражувачка приказна.
-Во делот на ингеренциите на општината, согласно соопштените ставови на граѓаните и стручната јавност, работата на општината во однос на контрола на процесот не е на задоволително ниво. Треба да се зголеми контролата од страна на општината како во зголемување на контролата на објектите за кои општината издава Одобрение за градење така и во спречување на градењето на бесправните објекти. Така ќе се доведе во ред и ќе можат да се спроведуваат полесно донесените Детални урбанистички планови бидејќи со дивоградбите се нарушува функционирањето и на легалните објекти . Од друга страна целата процедура на издавање на Одобрението за градење мора да биде комплетирана со сите потребни кадри што треба да се вклучени во постапката. Претежно градежни инжинери од областите инфраструктура и статика. Во моментов статиката не се разгледува во општината бидејќи во постапката се вклучени само архитекти инжинери, рече експертот Костадин Настевски.
Градоначалникот Аце Коцевски иако со проектот е фатен само еден агол од темата, Одобрението за градење, осврнувајќи се на заклучоците и препораките што произлегоа од шест месечната работа на проектот рече:
– Проблемите во оваа област се долготрајни и наталожени уште во минатото со индустријализацијата на Велес кога луѓето масовно се доселувале.Работите се излезени од контрола многу одамна и тоа влече корени до ден денес. Дивоградбите не се само проблем на Велес туку и на сите општини во Македонија. За жал законот за легализација не ја постигна целта. И понатаму масовно се градат бесправни објекти. Со премиерот на владата и ресорниот министер се договоривме да не се пролонгира рокот на постоечкиот закон туку да се донесе нов во соработка помеѓу министерството за транспорт и врски и ЗЕЛС со важност до денот кога во Клуб на пратеници ја го одржавме состанокот. Тоа да биде критичката точка. Со новиот Закон да се предвиди сателитските снимки од Google maps, кои ќе ги издаваат официјални компании, да бидат доказ во судската постапка и тие да служат како инструмент преку кои вработените ќе проценуваат дали некој објект ги исполнува условите да биде или да не биде легализиран. Јас би сакал и понатаму општина Велес да биде една од најтранспарентните општини во Македонија со нула корупција. “, рече Коцевски.
Тој упати благодарност до ЕУ, „Транспарентност Македонија“ и Фондацијата „Фокус“ што ја вклучија Општина Велес во овој значаен проект за зајакнување на транспарентноста и превенција на корупцијата.
Од вкупниот број на препораки, што денеска заедно со матрицата за мониторинг му беа предадени на градоначалникот Коцевски, четиринаесет се однесуваат на изработка на потребната планска документација на Општина Велес и шест на зајакнувањето на капацитетите на општинската администрација од секторот урбанизам.
Фондација Фокус проектот Транспарентна и отчетна постапка за градежна дозвола го реализираше со финансиска поддршка на Европската Унија како дел од проектот „Граѓанските организации и медиумите против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“ што го доби од „Транспарентност Македонија.“ /С.А