ВМРО и СДСМ трошат за кампања што не е почната
ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во јануари и февруари потрошиле по 50.000 евра за предизобрни активности иако кампањата се` уште не е започната. Од „Транспаренси Интернешнл“, која ги набљудува трошењата на политичките партии, пресметале дека власта најмногу пари потрошила за отворање нови партиски канцеларии, а опозицијата за митинзи и средби со граѓани. Во исто време, двете партии го злоупотребуваат тоа што Агенцијата за медиуми не ги следи социјалните мрежи и активно се рекламираат на Фејсбук, вели Слаѓана Тасева, јави Телма.
– Партиите трошат средства за политичко рекламирање во услови кога политичкото рекламирање е забрането. Тука треба да реагираат институциите кои се надлежни за ова и да кажат дека неправилно се трошат пари и се води кампања во период кога е забрането политичко рекламирање, изјави Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнл
Според Тасева, спорно е и тоа што не е сосема јасно кои се изворите на средствата што ги трошат партиите.
– Се` додека не се вклучи УЈП да провери дали овие средства, кои граѓаните ги донираат, се легално заработени и легитимни средства, се` до тогаш ќе се соменваме дека на сметките на политичките партии влегуваат „црни“ пари.
Од „Транспаренси Интернешнл“ констатираат и дека многу често владините проекти се промовираат како партиски успеси, со што народните пари се злоупотребуваат за рекламирање на политичките партии пред граѓаните.
Извор: Телма