МЖ, од 15 јуни, ги враќа експресните вози за Белград и за Солун
Граѓаните на Македонија од средината на овој месец повторно ќе можат да патуваат со воз до Белград и до Солун. Експресните возови сезонски се враќаат во возниот ред на ЈП „Македонски железници“. Патувањето кон Солун, со возови ќе се одвива до Гевгелија за потоа со автобус патниците да бидат превезувани до солунската желензичка станица од страна на „Грчките железници-ОСЕ“.
Овие возови, според возниот ред на јавното железничарско претпријатие, ќе поаѓаат за Солун од Скопје рано наутро, во 4:45 часот ,додека за Белград навечер, во 22:19 часот.
Патниците на солунската железничка станица ќе пристигнуваат во 9:33 часот за да ги користат можностите за обезбедување на транспорт и до летувалиштата во Литохоро, Лептокарија и Неи Пори.
Патниците што ќе патуваат во групи ќе можат да користат и поволни цени на повратни билети кои ќе чинат од 12,2 евра до 13,5 евра додека редовната цена изнесува 12,2 евра во еден правец и 19,5 евра во двата правца за еден патник.
Билети ќе се продаваат на скопската и на другите поголеми железнички станици до Гевгелија.
За Белград, експресниот воз ќе сообраќа до белградската железничка станица Топчидер поради затворената главна железничка станица. Повратниот билет чини 1.709 денари (27,6 евра), меѓу Скопје и Загреб ќе може да се патува по цена од 3.653 денари (59 евра), додека цената на картата до Љубљана изнесува 4.643 денари (75 евра) за двата правца.
Извор: Денешен весник